| четврток, 6 декември 2018 |

„Црвена фурија“ непрепознатлива во Рио, втор пораз на ОИ

spanija

Кошаркарската репрезентација на Шпанија уште еднаш потфрли во Рио де Жанеиро, откако во второто коло го претрпе и вториот пораз во својата група. „Црвената фурија“ вечерва беше поразена од домаќинот Бразил, и тоа со минимални 66-65 во натпревар во кој трагичар беше Пау Гасол. Играчот кој треба да биде лидер на Шпанија вечерва целосно потфрли, промаши бројни шутеви, а најзначајни беа двете слободни фрлања при водство на Шпанија од 65-64 на помалку од 30 секунди до крајот.

Бразил водеше во речиси целиот натпревар, но „црвената фурија“ успеа да се врати и со тројката на Љуљ да дојде и до водство. Се влезе во неизвесен финиш, а кога Гасол требаше да ја донесе Шпанија на чекор до победата искусниот центар ги промаши двете слободни фрлања. „Кариоките“ беа поумешни во последниот напад, па по промашувањето на Марселињо на вистинското место се најде Маркињос, кој по офанзивен скок ги постави конечните 66-65.

Шпанија имаше последен обид за триумф, но одигра неорганизиран напад во кој Љуљ очајнички биеше непрецизно, за ново разочарување меѓу фановите на „црвената фурија“.

Хуертас со 11 и Маркињос со 10 поени беа најефикасни во редовите на „кариоките“, додека Гасол постигна 13 поени за Шпанија, но со шут од поле 4/11 и 5/12 од линијата за слободни фрлања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top