| четврток, 6 декември 2018 |

Дискретниот шарм на измамата

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

goran-kol-05-planirovka-doma-002

„Најдобриот начин да откриете дали во некого можете да имате доверба е да почнете да му верувате“
Ернест Хемингвеј

 

Горната мисла искажана од бардот на американската и светската публицистика е еден од ретките, можеби и најдобриот начин да се објасни однесувањето на македонските граѓани кога станува збор за довербата во други лица. Особено за довербата што ја имаат во ситуации кога трошат пари, а притоа немаат никаква гаранција дека ќе го добијат тоа што го платиле. Нема друго објаснување, или Mакедонците сакаат да им веруваат на луѓето или се пребогати и не размислуваат како ќе ги потрошат стотиците илјади евра наменети за ризични инвестиции.

Како поинаку да се објасни феноменот на доверба што граѓаните ја имаат во разните трговци, измамници, посредници и други видови профитери што продаваат станови, викендички, парцели земја, деловен простор, издаваат магацини, а притоа не нудат никакви гаранции и документи. Народот вели додека има овци ќе има и кој да ги стриже, но, навистина, е чудно по толку многу групни „фризирања“ сѐ уште да има толку многу овци за стрижење.

Последниот случај со скопската „фризерка“ што наплатила повеќе од 600.000 евра од граѓани од Скопје, Охрид и од Струга, можеби, не би бил чуден доколку оваа специфична пирамидална шема се случеше во некоја од државите во Скандинавија каде што покрај правниот систем функционираат и обичајни правила според кои чесноста е врвна доблест. Но, во земја како Македонија, каде што за 15 години се случија такви масовни измами како ТАТ, „Лавци“, „Алфа С“ и „Фиком“.

goran-kol-05-kuka_1

Најголемите афери со станови и штед­­ни влогови во Македонија

– „Фиком“
– „Платина инженеринг“
– „ГИА – инженеринг“
– „Кон артис“
– „ТАТ“
– „Алфа С“
– „Лафци“

Објаснување за лековерноста на несудените сопственици на станови во елитни населби по цена од 500 евра можеше да се најде доколку „продавачката“ на недвижен имот не работеше во скромниот фризерски салон во „Скопјанка“ туку во скапа канцеларија во центарот на Скопје. Измамата ќе беше пологична доколку „евтините“ станови ги продаваше некој познат бизнисмен или политичар, човек што има моќ и заднина, некој што и претходно продавал недвижен имот или на јавноста ѝ е познат како „бизнисмен“. Или, пак, доколку место скромната фризерка по образование и по искуство во бизнисот, трговијата ја водел некој со огромна моќ на убедување, кој покрај природната вештина да ги манипулира луѓето добро ги знае и современите техники за влијание на обичните луѓе. Особено на тие што сакаат да дојдат до лесна заработка или имаат проблем и пари во исто време.

Науката овие луѓе ги нарекува „магови“ или луѓе што имаат посебна моќ на убедување, луѓе поради чијашто вештина да направат колективна илузија во историјата почнувале војни.

Работата е уште почудна ако се знае дека македонските граѓани не важат за луѓе што лесно донесуваат одлуки. Уште помалку важат за храбри инвеститори. Најмалку за луѓе со доверба во непознати личности. Според една анкета објавена минатата година во која беа опфатени стотина земји од цел свет, македонските граѓани беа најниско рангирани при мерење на доверба во државните институции. Во превод, Македонците не им веруваат на Владата, министрите, банките, дипломатите и на другите формални или неформални организации. По таа логика, ако граѓаните не им веруваат на институции, чијашто работа почива на словото на законот во никој случај не треба да им веруваат и на ситни локални измамници за кои законот важи само доколку бидат фатени во измамата.

Најголеми светски измамници

Виктор Лустиг, човекот што ја продаде Ајфеловата кула
Артур Фергусон, продавач на британски државни споменици
Едвард Рејнс и Џон Руф, банкарски измами, наплатиле повеќе од 350 милиони долари
Мајкл де Гузман, продавач на лажна златна руда

Што е тоа што го тера човек да даде десетици илјади евра животна заштеда, а притоа да не ја видел ниту зградата каде што се надева дека еден ден ќе живее? Што е тоа што го тера да ги извади парите од банка или од под перница во случај за кој е многу лесно да се провери дали е измама? Имала ли скопската фризерка натприродна моќ да ги убеди луѓето да одат против себе? Или, сепак, проблемот е во граѓаните што сѐ уште веруваат дека сѐ што лета може да се јаде.

(објавено во 31. број на неделникот „Република“, 5.04.2013)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top