| четврток, 6 декември 2018 |

ТВ-пропаганда

Ацо Станковски

Ацо Станковски

 

Нашите опозициски – Калимеро-телевизии, кои ги има како вошки, но без било каков посериозен ефект врз македонскиот електорат, се како шега во однос на навивањето и врзаноста за своите газди, во споредба со една интернационална ТВ куќа, каква што е CNN. Тоа најдобро се гледа во овие денови, кога претседателската трка помеѓу Доналд Трамп (кар Републиканците) и Хилари Клинтон (кај Демократите) влегува во својата завршна, а со тоа, и во најжешката фаза, кога веќе не се бираат методи со кои ќе се унижи противникот пред народните маси на САД.

Пропагандистичката унилатералност на CNN, која е во огромна мера наклонета  кон Демократите и нивниот фаворит – Хилари Клинтон, веќе влегува во една, безмалку гротескна фаза, во едно крајно непринципиелно навивање за својот пулен, при тоа не бирајќи средства, како да се дискредитира противникот.

Секако, за разлика од нашите Калимеро-телевизии – „нема правда, нели?“ – кои делуваат несмасно и крајно вулгарно, пред сѐ, кон одговорноста на новинарската професија, деградирајќи се до степен на фанатизирани кретени со слаба артикулација и, скоро, без капацитет за било каква поиздржана политичка анализа (ај, те молам, збори лошо за власта – зошто нема правда) или (нема правда – нема мир), се само мали и наивни телали со плитки визии и мокри сништа, во однос на оваа подмолна и итра пропагандистичка машина, каква што е, на пример, CNN.

Кога нашите ТВ-Калимеровци ќе влезат во пропагандистички проект, тој изгледа како слон во порцеланска работилница, а ефектот за нарачателот е катастрофален.

Овие наши ТВ-Калимеровци, со својата несмасна тенденциозност, скоро редовно го упропастуваат угледот и рејтингот на нарачателот и, да не беше мафијашкиот чадор, кој упорно долева масло на огнот и се оградува од сите пристојни, принципиелни и морални правила на политичкиот процес, опозицијата ќе беше сведенана на нула, но вака, по секој политички нокаут, чадорашите ургентно преземаат најрадикални чекори за реанимација и, еве ви ги опозиционите идиоти повторно на јавната сцена, со нови предизвици и закани.

Но, за волја на вистината, и овие структури имаат лимитирани капацитети, па дури и бандата чадораши, со сите нивни кримнални стратегии и тактики, се веќе тотално истрошени, пред сѐ, на план на визии и проекти, а нивните пулени се како толпа крапови, набутани во мал аквариум, во кој нема ни доволно кислород за дишење, па ги гледаме со доза сожалување, како агониски ги отвораат и затвораат своите лажливи усти, од кои веќе не излегува ниту звук, ниту збор, туку една жална искривена гримаса, страдна за барем уште еден здив. Но, времето на големиот дуел се приближува, а во аквариумот има сѐ помалку кислород.

Наспорти ова, пропагандната машинерија на нивните покровители од CNN просто цвета, со цела низа спектакуларности и сензационализми, подметнувања и клевети, и сето тоа се одвива како на филмска лента, што, пак, сведочи за една темелна подготовка со железна книга на снимање и со врвна режија, плус, со цела една сурија добро подготвени артисти – аматери, кои за победата на Хилари Клинтон  ќе ја одглумат својата животна ролја.

Сепак, материјалот се троши, и така, тоа што денес изгледа како извесна победа на Хилари, утре може радикално да се промени и кандидатот Доналд Трамп да ѝ го зема скалпот на оваа, во многу тоа, супер омразена политичарка, и во Америка, и во светот.

Впрочем, тоа што Хилари поведе (наводно, според испитувањата на самата CNN) со осум отсто пред Трамп, е чист производ на едно супер добро организирана пропагандна офанзива на CNN, каде што вниманието на импулсивниот  републикански кандидат се одвлекува на споредни појави – провокатори – како што тоа беше со патетичниот демократски пропагандист, господинот Кан и неговата тажна прикаска за син му – паднатиот американски капетан од муслиманско (пакистанско) потекло, во војната за Ирак во 2004 година. Тука го испровоцираа емпатискиот и емоционалниот аспект на Доналд Трамп и со тоа создадоа приказна, која ја вртеше и сензибилизираше американската јавност, а ја затскри самата Хилари, со сите нејзини афери и ѝ овозможи во потаја и во еден сеирџиски манир, да почне да билда рејтинг. Од друга страна, пропагандистите од CNN веќе се обидуваат да ја прогласат за победник. Но има уште цели три месеци до претседателските избори во САД.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top