Македонската репрезентација домашните квалификациски натпревари во престојниот циклус за пласман на Светското првенство 2018 година во Русија ќе ги игра, како и изминативе години, единствено на националната арена „Филип Втори“ во Скопје.
И покрај тоа што идејата и желбата на Фудбалската федерација на Македонија изминатиов период беше да се овозможи дел од квалификациските натпревари да се играат на стадионот „Младост“ во Струмица, сепак во овој момент тоа е невозможно поради неопходноста за реконструкција на стадионот.
УЕФА не дава зелено светло, во согласност со условите што во моментов ги нуди „Младост“, за официјални квалификациски натпревари. Од ФФМ се подготвени, под програмата на УЕФА, за итно вложување на околу 500.000 евра за комплетна реконструкција на стадионот, но проблем е фактот што „Младост“ е даден под концесија на приватно лице. Токму поради, а согласно праксата на УЕФА, не може да се потпише договор за инвестиција во објектот со приватно лице, но единствено со локалната самоуправа, нешто кое е невозможно во моментов во Струмица.
Македонија квалификацискиот циклус го почнува на 5. септември со гостувањето против селекцијата на Албанија на стадионот „Лоро Боричи“ во Скадар. Следните два натпревари, против Израел на 5 октомври и против Италија на 9 октомври оваа година ќе ги играме на „Филип Втори“ во Скопје.
Останува можноста, со дозвола на УЕФА, доколку следи реконструкција на стадионот во Струмица, евентуално натпреварите со Албанија и со Лихтештајн, во септември 2017 година, односно октомври 2017 година, да се играат на „Младост“. Но, сето тоа е далеку од реалноста во моментов.
Македонија во Групата Г од квалификациите за СП 2018 година е уште и со репрезентацијата на Шпанија, со која првиот меѓусебен дуел го играме на 12 ноември оваа година на гостински терен.
Селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски подготовките за стартот на новиот квалификациски циклус и дуелот со Албанија, кој нè очекува на 5 септември, ќе ги реализира во Охрид, од каде селекцијата ќе патува во Скадар.
Во согласност со плановите, првиот собир на репрезентативците е на 28 август, па по седумдневните подготовки, ќе следи заминувањето за Албанија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.