Македонската кошаркарска репрезентација се соочува со нов сериозен проблем, со оглед на фактот дека повредата на Марко Симоновски е посериозна од првичните прогнози, па како што стојат работите тој речиси сигурно ќе ги пропушти следните квалификациски натпревари за Евробаскет 2017. Одличниот шутер повторно се мачи со незгодна повреда на грбот, воопшто нема тренирано со остатокот од селекцијата, а не се знае ниту кога би бил способен да се приклучи на националниот тим.
– Марко Симоновски дојде накратко, разговаравме, но засега нема ништо конкретно што би можел да кажам. Проблемот е во тоа што повредата бара мирување, станува збор за нерв во грбот, а никој не знае кога болката би се смирила и тој би ни се приклучил во националниот тим. Реално, шансите Симоновски да ни биде на располагање за квалификациите се многу, многу мали. Не велам дека јас не сметам на него, напротив, би сакал да го имам во тимот, но реалноста е таква да тој нема тренирано со екипата, а не се знае ни кога би можел да почне да работи со нас. Згора на тоа, станува збор за почеток на сезоната, кога сите играчи се надвор од натпреварувачки ритам и нормално е да им биде потребно повеќе време за влегување во топ-форма. Ќе видиме што ќе се случува во следниот период, се надевам дека повредата наскоро ќе биде санирана, но лошото со ваков вид на повреди е што никогаш не се знае колку долго трае рехабилитацијата – изјави селекторот Драган Раца.
Евентуалното неиграње на Симоновски ќе биде уште еден голем проблем за нашиот национален тим, чиј ростер ионака е „истенчен“ во претстојните квалификации. Само за потсетување, одличниот шутер потпиша договор со МЗТ Скопје, враќајќи се во овој тим по шест месеци минати во дресот на Куманово.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.