| четврток, 6 декември 2018 |

Македонската компанија ФХ3Х во нов филмски хит

Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х во соработка со МПЦ Техниколор од Лондон учествуваше во креирањето на визуелните ефекти на најновиот научно-фантастичен акциски филм од Студиото на „Ворнер брос“ – „Одредот на отпишаните“ (Suicide Squad). Филмот во Скопје премиерно ќе биде прикажан на 4 август.

download (3)

За својата работа на популарниот проект од компанијата велат дека 100 уметници работеле речиси цела година.

– Го работевме од септември 2015 година до јули 2016 година и тоа само 160 кадри, што само по себе зборува за комплексноста на работата бидејќи тоа во обем на филмот е само 13 минути. Таквата работа не прави уште пољубопитни да го видиме финалното дело иако ова не е прв обид да се претстави „Одредот на отпишаните“ на филмското платно. Прво беше филмот „легенди“ (Legends’) на Џон Острандер во 1987 година. Сепак мислам дека овој ќе биде многу подобар – изјави Кристијан Даниловски, коосновач на ФХ3Х.

Режијата е на Дејвид Ајер, а настапува завидна актерска екипа почнувајќи од номинираните за „Оскар“ Вил Смит и Виола Дејвис, оскаровецот Џаред Лето, новата холивудска ѕвезда – Австралијката Марго Роби  и шведскиот актер Џоел Кинаман.download (2)

Тајна владина агенција ги собира најопасните суперкриминалци во светот што се во затвор, им го обезбедува најмоќното оружје што е на располагање на владата и ги испраќа во тајна мисија да го спасат светот од непозната, но моќна закана. Офицерот на Американската разузнавачка служба Аманда Валер одредува дека само тајно собрана група од различни, подли и сурови индивидуи, кои немаат што да загубат ќе одговараат на задачата. Но, што ќе се случи кога тие ќе откријат дека не се избрани за да успеат, туку поради нивната очигледна потрошливост? Дали Одредот на отпишаните ќе решат да продолжат да се обидуваат макар и по цена на животот, или ќе решат дека секој треба да си ги гледа сопствените интереси? Тимот оперира од Бел Рев, затворот под строг надзор на Валер, која ги држи на синџир, кој е, всушност, експлозивна направа што може да биде детонирана во секое време, сè до исполнувањето на мисијата, во замена за олеснување на казните.

Филмот ќе почне да се прикажува од 4 август (четврток) во киното „Синеплекс“ во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top