| четврток, 6 декември 2018 |

ФХ3Х дел од „Невозможна мисија“

Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х учествуваше во креирањето на визуелните ефекти на шестиот дел на филмот „Невозможна мисија“ наречен „Пребројување“.

Филмот е во режија на Кристофер Мекуери, додека главната улога повторно ја игра Том Круз во придружба на Ребека Фергусон, Сајмон Пег, Алек Болдвин и овојпат и Анџела Басет. Ова е шести дел во серијата филмови за Итан Хант и неговиот тим кои секогаш се во трка со времето да си ги спасат сопствените животи.

Според Кристијан Даниловски, ко-сопственик на ФХ3Х и извршен продуцент, на овој проект се работело во мај 2018 година со тим од околу 30 артисти.

– На франшизата „Невозможна Мисија“, а според критиките кои ги добива, можеме да очекуваме филм кој е подобар од своите претходни делови. Сите релевантни холивудски медиуми како The Hollywood Reporter, Rotten Tomatoes и Comingsoon.net имаат одлични оценки за она што ќе го погледнеме во четврток, дури има и комплименти од типот споредби со Mad Max: Furry Road и со некои од најдобрите кинематографски остварувања на Спилберг, но останува самите да погледнеме и да се увериме – изјави Даниловски.

Премиерата на филмот во Скопје е вечерва.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top