| четврток, 6 декември 2018 |

Настапи на „Копачка“ и „Гавровски“ во Сплит и Макарска

Носителите на двете национали и светски културни богатства – фолклорната група „Копачка“ од делчевското село Драмче и триото „Гавровски“ од тетовски Долни Полог од денеска до 3 август ќе ја претставуваат Македонија во Хрватска по повод Илинден, во рамки на концертот „Македонија и УНЕСКО“.

Перса Стојановска од ЗФГ „Копачка“ истакна дека традиционално во Сплит секоја година се организира настап на групи од Македонија, а ова е првпат заштитеното нематеријално македонско културно богатство да се најде на иста сцена надвор од земјава.

– Настапот во Сплит е на 1 август, а во Макарска – на денот Илинден. Двата настапа ќе траат по 90 минути и содржински ќе бидат поделени во пет блока, во кои ќе има пијанечки песни, обичаи, ора, инструментални изведби на пијанечкиот фолкор и, секако, со посебен акцент на орото „Копачката“. Во блоковите ќе се вклучува и триото „Гавровски“ со свои изведби на трогласното „Гласоечко“ пеење. Ова е  првпат двете движни културни наследства да се најдат на иста сцена и тоа надвор од Македонија, со концерт насловен „Македонија и УНЕСКО“, чија публика ќе брои околу 3000 гледачи во Сплит и нешто помалку во Макарска. Ќе има наши иселеници, државјани на земјата домаќин Хрватска, но и туристи од целиот свет – рече Стојановска.

Таа додаде дека за да се биде носител на овие заштитени фолкорни добра е чест и гордост, но и обврска и одговорност, кога се работи за претставување на Македонија во странство.

– Поканата ни доаѓа од претседателот на Заедницата на македонските иселеници во Хрватска, Ангел Мирчевски и МКД „Македонија“ од Сплит – рече Стојановска, која се заблагодари на Министерството за култура на РМ за субвенцонирањето на проектот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top