| четврток, 6 декември 2018 |

„Дневник“: ДУИ веќе најде 80 отсто од спорните гласачи-Албанци

A leader of the Democratic Union for Integration (DUI) ,Ali Ahmeti greets to his supporters during the protest against violence during electorial campaign

ДУИ и лидерот Али Ахмети го игнорираат барањето на потпретседателот на Собранието и пратеникот Рафиз Алити, Централното претседателство да расправа за одлуката пратениците да го поддржат договорот и со тоа да овозможат 40.000 гласачи да бидат избришани од Избирачкиот список доколку лично не го потврдат гласачкото право. Иако за ова Алити лично побара одговорност од Ахмети и преговарачот Артан Груби, лидерот на ДУИ ниту го свика највисокиот партиски орган ниту го поканил Алити на средба.

Измените на Изборниот законик во делот на Избирачкиот список добија виза од Собранието, а од пратеничката група на ДУИ само Алити не гласаше бидејќи повеќето од 40.000 гласачи се Албанци.

Во партијата позицијата на Алити се толкува како личен маркетинг на пратеникот бидејќи, како што велат, не држат вода обвинувањата на Алити дека Груби на своја рака преговарал, го потпишал договорот и дека пратениците немале поим за што треба да гласаат.

– Наместо да го повикува на одговорност лидерот Ахмети, Алити нека се растрча и нека ги најде тие 2.000 гласачи, колку што се спорни во неговиот разгранок во Сарај за да ги упати дека треба сами да се пријават – велат од партијата.

Од ДУИ велат дека партијата веќе направила административни проверки на 40.000 спорни гласачи. Претседателите на разграноците на ДУИ имаат точна бројка колку лица од спорните гласачи се во нивните општини. Според партиската евиденција и проверките на тие лица, околу 80 отсто од 40.000 гласачи постојат и не станува збор дека тие се фиктивни избирачи. Околу 3 отсто, најверојатно, се починати, околу 5 отсто се надвор од државата и оти за 2-3 отсто нема никакви податоци.

Од ДУИ велат дека партиските теренци со списоци веќе одат од врата на врата кај секој од спорните гласачи за да ги информираат дека треба да се пријават во ДИK за да може да гласаат.

Според партиски извори, најмногу спорни гласачи има во општина Чаир – 5.400, во Тетово – 3.200, во Гостивар – 2.300 и во другите разграноци се под 1.000.

Што се однесува до забелешките на Алити од ДУИ додаваат:

– Дезинформација е дека во ДУИ имало проблем како да гласаме. Пратениците првин гласаа против потребата да се смени законот поради технички пропуст. По интервенција на координаторот Талат Џафери, амандманот помина како комисиски предлог и ДУИ гласаше за измените на Изборниот законик. Ставот на Алити е поединечен. Сите знаевме за што гласаме и пратениците и цела ДУИ знаат што е договорено меѓу четирите партии. Зад договорот стои партијата и ќе гласаме за с` што е договорено за побрз излез од политичката криза – ни изјави вчера пратеничката Kалтрина Азизи.

Од Алити вчера не успеавме да добиеме одговор, дали и формално побарал средба со Ахмети и лидерот да закаже Централно претседателство на кое ќе се расправа зошто ДУИ се согласила со договор кој предвидува 170.000 гласачи да бидат ставени на посебен извод од Избирачкиот список и да се избришат 40.000 избирачи ако самите не се пријават.

Уште во време на преговорите Алити за „Дневник“ изјави дека не се согласува тие одредби да станат дел од договорот на четирите партии и тогаш побара доколку тоа не успее, да го издејствува Груби да се повлече од преговорите. Нејасно е зошто Алити сега тврди дека пратениците го немале предлогот за измени на Изборниот законик, дека не знаеле за што гласаат, кога лично тој тогаш ни изјави дека на партиски состанок во проширен состав се расправало за двете категории гласачи. Тогаш Алити тврдеше дека мнозинството на состанокот било против можноста да се бришат гласачи. Алити сега не одговара дали по собраниската седница, на која помина Изборниот законик, лично побарал средба со Ахмети или дали телефонски разговарал со лидерот. Дали побарал евентуално Ахмети да си поднесе оставка од претседателската функција на партијата.

Од партијата велат дека нема закажан состанок на Централното претседателство, но не можат да потврдат дали имало средба или телефонски разговор меѓу Алити и Ахмети.

ДИK утре со име и презиме ќе ги објави спорните гласачи

Државната изборна комисија најдоцна до утре треба да ги објави имињата и презимињата на спорните 39.502 гласачи откако Собранието ги изгласа измените на Изборниот законик во делот на Избирачкиот список ноќта меѓу петок и сабота.

Списокот ќе биде објавен на интернет-страницата на ДИK. Станува збор за гласачите за кои вкрстените податоци и теренските проверки не дале конзистентни податоци, а штом бидат објавени нивите имиња, тие имаат 25 дена да дојдат во ДИK и да го потврдат своето гласачко право. Гласачите што се во странство своето избирачко право ќе може да го потврдат преку видеоконференциска врска. Доколку не го потврдат правото на гас, тие гласачи ќе бидат избришани од Избирачкиот список.

Државната комисија ќе подготви упатства, формулар за пријавување и ќе објави јавен повик на својата страница, како и на страниците на дипломатско-конзуларните претставништва за да може да прочитаат и оние македонски државјани што живеат во странство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top