| четврток, 6 декември 2018 |

И АРМ се вклучи во потрага по исчезнатите татко и син на Бистра

arm

Армиски алпинистички единици денеска се вклучија во потрагата која трае веќе втора недела, по исчезнувањето на 78-годишниот Љубомир Мицевски и неговиот 50-годишен син Сашо. Во меѓувреме, потрагата по нив добива на интензитет. Се трага од земја и од воздух. Не само роднините и пријателите, туку со денови полицајци од повеќе сектори на МВР, како и полициски кучиња трагаат по шумите и долините на Бистра за да најдат каква било трага која ќе може да им навести дека таткото и синот по некоја патека минале, некаде преспиле или се сокриле. Но, ништо од сето тоа.
Засега се знае дека пред 12 дена, таткото и синот биле облечени во воено-маскирни пантолони. На соселаните кои ги сретнале во селската продавница од каде тоа утро купиле јадење им рекле дека одат да берат печурки. После неколку часа, по мобилен телефон неколку пати контактирале со соселаните. Им рекле дека се изгубиле и дека не знаат каде се. Во краткиот опис за локацијата каде се наоѓаат, рекле дека околу нив има многу папрати. Претпоставувајќи дека се во месноста Ѓурепи, неколку селани од Лазарополе започнале потрага. Но, до вечерта не ги нашле. Следниот ден во потрагата се вклучиле и полициски специјалци.
Љубомир Мицевски е поранешен офицер на ЈНА. Родум е од Велес, но безмалку цел живот го минал работно во Скопје. Неговиот син Сашо работи во МВР. Куќата во Лазарополе ја имале од поодамна.
Последен контакт пред да им се испразни батеријата од мобилниот бил околу 22 часот. Од тогаш никој не знае каде се.
Во неколкуте контакти од пред 12 дена, соселаните од двајцата исчезнати добиле абер дека се паднати во некоја голема дупка. Токму непознатата локација и големиот простор, кој изобилува со карпи и јамнести отвори претставува голем проблем за трагачите.
Од МВР велат дека нивните трагачи кои имаат голема помош и од вработените во Националниот парк „Маврово“ дневно пеш минуваат по 25 километри, но засега ништо не нашле.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top