| четврток, 6 декември 2018 |

Пуч

 

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Игрите не стивнуваат, големи и мали, забавни и непријатни, легални и илегални.

Светот стана мал и набиен со популација, која ја премина бројката од 7.5 милијарди и рапидно се зголемува, просторот на оваа планета, пак, останува онолкав, колкав бил со милиони години…

Оваа набиеност со луѓе и енергии создава невиден сеопшт динамизам, кој влијае на природата и општеството, претворајќи ги во огромен експериментален ресурс и полигон за најекстремни опортунизми, кои често пати имаат манијакални претензии.

Од фудбалот, како забава за масите и супститут за гладијаторските игри од стариот Рим, а можеби и за класичните стратегиски војни, кои веќе стануваат историја, отстапувајќи им го местото на оние диспропорционалните, хибридни војни, во кои многу значајна улога играат тероризмот, како оној чин на грозоморното масовно убиство со камион во толпа што се случи во Ница на 14 јули, па сѐ до веќе испробаните рецепти од арсеналот на разните тајни служби и агентури, кои конспиративно подготвуваат преврати и пучеви во суверени држави, борбата за моќ не стивнува.

Напротив, таа се засилува, а нејзиното интензивирање е продукт на зголемувањето на претендентите, кои во целиот хаос сонуваат глориозни сништа за себе и за својата мисија, без оглед дали се работи за индивидуи или колективитети.

Судирите во вака исполнет и раздвижен простор се неминовни, а многу често судрените страни ја романтизираат и митологизираат сопствената волја за да се оди до крај, што ужасно ги оддолжува сите овие безумни конфликти.

Од некое возвишено, духовно стојалиште, сиот овој хаос на идеи и концепти и стравотните трагедии и болка изгледаат сосема идиотски и глупаво, но кога ќе се навлезе длабоко во структурите на сите историски епопеи, ние ќе видиме еден многу добро разработен и крајно компликуван систем, кој со предумисла генерира одредени нестабилности и паники со скриена, но јасна цел. Тоа е искористувањето на одредена општествена заедница и создавање од нејзините членови – робови, кои беспоговорно ќе му се поклонуваат на оној, што ја поседува моќта.

Погрешно би било да се гледа само на еден партикуларен начин (на пример, националниот) на ова чудоредие, зошто ако не ја видиме целата конструкција, ние воопшто нема да ја сфатиме мотивацијата на случувањата, нивната тенденција, тајните структури кои управуваат со настаните, историската заднина, консеквенците и, секако, целите. Затоа треба да се прошири светогледот на интернационален или, ако сакате, макро план, но и да влезете во сите оние микроструктури на процесот, за да ја повувствувате реалнста на собитието. Ако сакате – епизодите од современата историја на човештвото.

Таа голема – историска сага има свои протагонисти и драмско дејство.  Тука, пред сѐ, мислам на големите сили како главни играчи во претставата. Но тука се и оние споредни епизодисти и статисти, кои на големите им служат како отскочна штица, монета за поткусурување или лабораторија за експерименти.

Но токму овие, навидум инфериорни жртви на предаторите на светската геополитика, понекогаш знаат да покажат карактер и да му го украдат шоуто на големиот и вообразен играч. Такви примери имаме многу. Само во последнава половина век можеме да наброиме десетици историски драми, во кои малите и потценети ентитети во играта покажувале сила, интелигенција и храброст, многу поголема и посјајна од арогантниот освојувач. Сетете се само на Виетнам или Куба, тука се виде немоќта на големата и самобендисана светска сила.

Но во последната епизода од долгата и возбудлива историска сага на човечката цивилизација гледаме како полека, но сигурно, хегемонот на униполарниот свет, кој владееше безмалку три децении, доаѓа до својот неминовен крах.

Ова многу добро се гледа низ неколкуте најфлагрантни драми, кои се одвиваа на светската сцена во последниве години и кои сублимираат во недвојбени конклузии, дека САД – господарот на светот е во страшна и неминовна криза, која може да резултира со уривање на сите столбови на моќ, што оваа империја ги градеше со огромна посветеност последните сто години.

Обидот за пуч во Турција може многу скапо да ги чини Американците, кои според сите повалидни анализи стојат зад оваа конспирација. Тоа претставници на турската владејачка гарнитура многу добро го знаат, зошто не еднаш го впериле прстот најексплицитно кон нивниот, нели, „верен“ сојузник, партнер и поддржувач, а, всушност, подмолен непријател и крвник.

Зар сето ова не ве потсетува на нашиот случај со блискиот ни, секогаш, полн со инструкции и наредби, стратегиски партнер? Да не кажам, господар или робовласник.

Лоши денови доаѓаат за одредени невралгични точки на геостратегиската мапа од светот. Што би рекол Џон Кери, државниот секретар на САД – многу земји ќе се најдат на линијата на огнот. Но, како тргнало, линијата на огнот константно се приближува кон САД и Вашингтон ДЦ.

Американската криза е кризата во светот. Тоа најголемиот дел од човештвото го знае и се организира во превенција против оваа американска епидемија. Резултатите веќе се видливи. Како САД слабее на глобалната сцена, така нејзините внатрешни проблеми јакнат. САД се соочуваат со ужасен политички и економски хаос. Потребни се радикални промени на целокупниот американски внатрешно-надворешен политички систем. Инаку, следува колапс.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top