Интегрален текст од прес конференција на Васил Пишев, ВМРО-ДПМНЕ
Почитувани,
Аболицираниот криминалец Зоран Заев секогаш кога е фатен во нов грабеж исчезнува. Заев со денови молчи за незаконското постапување, фалсификување, узурпирање на државно земјиште и изигрување на законот во случајот со објектот на Цареви Кули. Заев се крие во врска со најновата афера во која е вклучен заедно со неговиот долгогодишен пријател Коце Ристовски, кој фигурира како сопственик на луксузниот комплекс Цареви Кули. Заев молчи ама граѓаните на Струмица, но и целата македонска јавност веќе знаат дека тој го озаконил криминалот и му дозволил на својот верен пријател да легализира објект по истекувањето на законскиот рок за легализирање на дивоградби.
Скандалот да биде поголем другарчето на Зоран Заев, Коце Ристовски освен што бил почестен со незаконска легализација на луксузниот комплекс Цареви Кули, му бил и еден од најомилените тендер пајташи на Зоран Заев. Коце Ристовски и неговата фирма Чамчифлик Голд ДООЕЛ години наназад редовно добивале јавни набавки од општина Струмица и јавното претпријатие ЈПКД Комуналец Струмица.
Ова значи дека Другарчето на Зоран Заев, Коце Ристовски бил дел од мрежата на фирми на Заеви преку која се испумпувале милиони од парите на граѓаните на општина Струмица.
Ова е класичен пример на пријателство базирано на милиони народни пари.
Еве само неколку примери од плодното пријателство на Заев и Коце Ристовски, потврдено преку јавни набавки за ЈПКД Комуналец од Струмица:
Чамчифлик Голд ДООЕЛ со ЈПКД Комуналец Струмица склучил договор за јавна набавка за мермери и гранити за 300 броја споменици на 24.02.2014 година во вредност од 8 милиони и 260 илјади денари, односно со еден договор добил речиси 150 илјади евра, пари на Струмичани.
На 20.01.2009 година истата Чамчифлик голд ДООЕЛ склучила договор за јавна набавка за мермери и гранити за 300 броја споменици пак со ЈПКД Комуналец Струмица овојпат во изноз од 4 милиони и 300 илјади денари.
На 07.10.2010 година неверојатно но вистинито, Чамчифлик голд на Коце Ристовски сопственикот на луксузниот комплекс на Цареви Кули повторно набавил мермер и гранит за 300 броја споменици за потребите на ЈПКД Комуналец Струмица во износ од 4 и пол милиони денари.
На 22.11.2012 година договорот со ЈПКД Комуналец Струмица за набавка на мермери и гранити за 300 броја споменици во вредност од цели 7 милиони денари или 120 илјади евра, го добива, како што веќе сите претпоставувате Чамчифлик Голд ДООЕЛ Струмица, фирмата која врши угостителска дејност во незаконски легализираниот комплекс на Цареви Кули.
Скапоценото пријателство на Заев и Коце Ристовски не се ограничува само на јавни набавки за КПКД Комуналец. Чамчифлик голд има склучувано договори за јавни набавки и директно со општина Струмица.
На 22.05.2015 година за подготвителни работи со изведба од бехатон плочки за потребите на општина Струмица Чамчифлик голд склучува договор директно со својот долгогодишен пријател Зоран Заев во вредност од 6 милиони 560 илјади денари.
На 03.04.2012 склучен е уште еден договор меѓу Чамчифлик голд и Општина Струмица за јавна набавка: изведба на поплочување на тротоар на бул. Гоце Делчев во Струмица во вредност од 3 милиони 896 илјади 487 денари.
На 11.07.2012 година, Чамчифлик голд и општина Струмица склучуваат договор за јавна набавка – изградба на градско корзо во вредност од 6 милиони 579 илјади и 89 денари.
41,095,576 денари или речиси 700 илјади евра од само 7 договори за јавни набавки добива фирмата на долгогодишниот пријател на Зоран Заев Коце Ристовски, истовремено и сопственик на угостителскиот објект кај Цареви Кули кои Заев го легализира на криминален начин вон законски определениот рок.
Почитувани,
Само со 7 тендери испумпани се 700 илјади евра. Очигледно многу скапо, речиси бесценето е пријателството меѓу Заев и сопственикот на хартија на објектот кај Цареви Кули Коце Ристовски.
Јавноста отврено прашува: Колку пари од овие милиони завршија во менувачницата на Вицето?
Кој е бенефитот на Зоран Заев противзаконски да го легализира објектот на Коце Ристовски на Цареви Кули, а патем да му обезбеди и стотици и стотици илјади евра преку јавни набавки на својот долгогодишен пријател?
Аболицираниот Зоран Заев се дави во матните зделки. Струмичани веќе не прашуваат дали, туку очекуваат Зоран Заев да одговара за своите криминали. Зоран Заев ќе мора да се соочи со правдата и да му се конфискуваат сите украдени пари од граѓаните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.