| четврток, 6 декември 2018 |

Украински круг со тенк (во гангам стил)

galijana-184x115

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

Не помина многу време откако Бенини го сними својот филм Животот е убав, до мигот кога најнов тренд во Украина е да имаш тенк. Тренд или ексклузивно право на поедини воени профитери со помош на своите пари да ја откупуваат големата слика на реалноста и со своето загрозено либидо да ги газат сиромашните пацифисти што случајно ќе се затекнат на патната инфраструктура. Пешачките премини се покажаа како добро место за атерирање на секаков вид неидентификувани објекти.

Во својот филм Бенини му ги преведува ‘германските правила‘ на својот син на начин на кој му создава впечаток дека СЕ Е ИГРА, вклучително нивната затеченост во концентрациониот логор.

Не мора да се прави концепт за бегство од логорот. Доволно е да се примени техниката на т.н. прифаќање. Потоа, тука се нивоата, па нлоата и дури на крај  чиниите. Во народните преданија и особено во петроглифската уметност често се среќава мотивот на овие чудесни машини со вонземно потекло. Но, како да го предизвикате феноменот на летањето?

Ако сте во  с и р т а к и  кафана. Нека летаат до мила волја.

Ако сте во Ново Мексико, и чекате нешто да падне од небо. Ако пролетната рамноденица не ви претставува проблем. Ако верувате во светови „зад“ не повеќе и не помалку од световите пред. Ако вашата најчесто гуглана веб дестинација е лунарниот календар, а веднаш потоа точното време на изгрејсонцето. Ако вашата грижа за доброто на човештвото не ја надминува вашата љубопитност и добра волја да истражувате за каков вид станува збор.

Ако сте го гледале Светлините на велеградот и верувате дека Чарли Чаплин е најдобриот филмски уметник кога било.

Ако до Чаплин дозволувате да застанат Роберто Бенини и Вуди Ален. И еден куп анонимни мајстори на хуморот коишто од своите обични животи направиле ремек дела во сенка на габаритните суети на во суштина безначајни персони. Ако вашата приватна стендап комедија е повеќе посетена од најблискиот киоск „а ла пиле“ каде што не прават суштинска разлика помеѓу прсти, крилца и копани, ниту додека се живи, ниту кога се поховани и наросени со сусам. Кога е вистински предизвик да направиш разлика.

Ако живеете во Украина (некаде 2013г. по новата ера), и можете да си дозволите да бидете приватен сопственик на тенк и да се надевате дека последната обиколка на кометата Чија и да е, дури и да го погоди вашиот оклоп, освен површински гребнатинки нема да предизвика посериозни нарушувања на вашиот интегритет. Ако вадењето возачка дозвола за тенкот во вашата месна заедница и подрачно мвр нема да предизвика бирократска лавина на зачудени кафка службеници коишто категоријата на возило, не можејќи да ја сместат во постоечките, ќе се обидат да ја забошотат во традиционалната папка, под чинијата со мувлосаниот ручек во десната фиока на бирото, од каде што кај и да е, ќе се испили пеницилин.

А за тоа дека во оваа прекрасна пост-ком земја навистина тенкот има статус на ферари, може да се провери на дојче-веле некаде по интернет сајтовите од изминативе две до три седмици, каде што беше уредно постирана веста за овој најнов тренд по украинските сокаци. Сопствениците немаат милитантна опсесивно компулсивна структура на потсвеста, напротив! Освен што нивниот мал мозок излачува вишок на хормон на апсурдот, тие дури можат да бидат и предвесници на некакво ретро хипи-панк движење во својата татковина, доколку се согласат во издолжената цевка на предната страна на своите возила со нетипични гасеница тркала, да засадат некое цвеќе на мирот, со што истовремено би ја затвориле црната дупка на уништувачкиот нагон… Мирис на барут ни оддалеку, или какво било преговарање за територии и прецртување на мапи. Не, тие само вешто го трансмутираат човековиот нечуен крик за смисла воизнаоѓање секогаш нови и свежи вештини на сечење на гранката на којашто се седи: за да се биде во чекор со времето, најдоходовно е сечењето на целото стебло, со што брзо и лесно се отстрануваат трагите од сликата дека некогаш човек седел на гранка, и во едната рака држел моторна пила.

Најопасното оружје на денешнината и без тоа има виртуелен облик, поточно нема облик, и кога би сакале приближно да го претставиме со некаков физички апроксиматив, најверојатно тоа би било една летачко т.н.„ швајцарско“ ноже, коешто ловџиите го носат во својот ловечки елек како неизоставен дел од својата опрема, кога одат во лов по кутрите елени, а во себе содржи и лажица, и вилушка, и отварач за конзерви, потоа плинска боца, гравче со сланина,  запалка, шестар, и една мала, холограмска тастатура преку која во секој миг може да се активира проектилот насочен кон гранката на којашто седи Пинк Пантер во Северна Кореа.

Ете како во кратки црти денес би изгледала некаква фејсбук-верзија на брехтовиот Кавкаски круг со креда – како некаков кодиран историјат на мјузиклот почнувајќи од траволтовската треска во сабота навечер, со многу месмерички сексепил и мотивирачка естетска диско – терапија, а завршувајќи со еден Гангам стајл со најмногу кликови на мрежата воопшто, без да се чудиш зошто, туку наместо да си ја сечеш гранката на која седиш, да го залепиш со селотејп копчето на тастатурата каде што пишува reload, поштедувајќи го глувчето од мачната репетиција на бесконечно кликање PLAY.

Кога животот има смисла и во случај да не постојат вонземјани?

Брехт во своите претстави користел техники што ја потсетувале  публиката дека претставата е слика на реалноста, а не самата реалност. Нагласувајќи ја конструкцијата на театарските случувања, сакал публиката да сфати дека реалноста исто така е конструкција којашто може да се менува. Со овој „ефект на дистанцирање“ животот ја преминува црвената линија на подносливост и опасно се доближува до можноста да стане неодоливо убав (La Vita e bella…)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top