
Колумнист:
Адрапо Спараи
Македонија е мала земја споредено со Бразил, на пример, барем што се однесува до големината на територијата што ја зафаќа. Но, во споредба со чудата што ги содржи Македонија, таа не само што може да се носи со оваа најголема јужноамериканска земја, туку и ги надминува.
Секако биодиверзитетот во Бразил е очекувано поголем, по течението на Амазон се наоѓа најголемиот басен на видови растенија и животни, но во македонските биорезервати има неочекувано многу видови и животни и растенија, посебно ако се земе предвид колкава е оваа територија.
Но, чудата што една земја ги има не се темели само врз квантитетот на видовите иако и овој феномен има свој удел во овој специфичен увид, квантумот на чудата се акцептира повеќе по аурата на нестварност или, ако сакате, по митолошките конотации на одредени појави кои, и покрај неверојатноста што ги обвиткува, сепак, постојат во зоните на реалноста. Барем по сведочењето на бројните очевидци. Едно од најинтересните чуда за кои сведочат бројните рибари што своите активности ги обавуваат по течението на Вардар, од Демир Капија, па сѐ до делтата на оваа најголема македонска река е огромната змија што живее во овие предели. Рибарите се колнат дека ја виделе оваа гигантска змија со големина на анаконда или азиски или африкански питон како лежи обвиткана на гранките од некое дрво покрај реката. Други ја виделе како од камењата на брегот влегува во водите на Вардар. Сепак, за разлика од големите змии од тропските делови на планетава, оваа змија имала грива зад главата што и дава речиси митолошка димензија.
Досега никој не успеал да ја фати или фотографира, но има очевидци кои се стопроцентно сигурни дека таа постои, а нивните сведочења даваат идентичен опис.
Овие рибари, посветеници во оваа неверојатна стварност, говорат дека овој монструм од змија се храни со сомови, но и со овци, телиња, па и по некоја дива свиња што имала лоша среќа да оди на поило покрај реката, кога змијава била во близина, и тоа тргната по плен.
Македонското антрополошко наследство е огромно. Најстариот фосилен остаток во Европа е најден токму на територијата на оваа мала земја, токму во егејскиот дел. Тоа е череп на прачовек стар повеќе од 750.000 години. Овој фосил бил случајно откриен од еден козар кој барајќи едно залутано јаре, налетал на мала пештера во која видел чудна калцифицирана глава. Тој го пријавил наодот по што дошло до откопување и темелна експертиза. Наодите, како што рековме, дале фрапантни резултати. Така можеме да претпоставиме дека во овој дел од Европа постоеле луѓе уште пред речиси цел еден милион години.
Ако ги посетите природно-научните музеи во овој дел на Балканот (Македонија), ќе наидете на извонредно богатство од животински фосили. На оваа територија живееле животни кои денес можете да ги сретнете уште само во Африка и во тропските делови на Азија. Тука имало антилопи, жирафи, лавови, а во длабинските слоеви на делтата на Вардар се откриени фосили на нилски коњи и крокодили. Веројатно дека климата пред неколку десетици илјади години била многу потопла отколку денес. Затоа нивото на водите била многу повисока, а вегетацијата слична на денешните тропски предели. Затоа се пронајдени толку многу фосилни остатоци од школки, и тоа морски, во Пелагонија, но и во околните прилепски карпести предели, понекогаш на неколку стотици метри надморска височина, што би се рекло во брдата. Ова инспирирало одреден број истражувачи на древноста да претпостават со голема доза на веројатност дека историскиот град Троја се наоѓал над денешен Прилеп. Тие го прават тоа врз база на географските описи што бригискиот поет Хомер ни го оставил во „Илијада“, а кои никако не одговараат во однос на топографијата што ја наоѓаме во реонот на шлимановата Троја, во Мала Азија.
Сепак, најфасцинантните чуда во Македонија се пирамидите. За нив сведочи и еден од најпознатите и најупатени светски археолози, Семир Османагиќ, кој е откривачот на фамозните пирамиди кај Високо – Босна и Херцеговина. Овој врвен експерт за пирамиди и други чудесни градби, кои се надвор од секаков историски континуитет, вели дека на Балканот постојат стотици пирамиди во монументални размери, а нивната концентрација е најголема токму во Босна и Македонија.
Ако внимателно гледате, ќе видите дека пирамидалните форми се навистина тука, во македонскиот пејзаж, понекогаш неочекувано и до нашите живеалишта.
И на крајот да ги споменеме вонземјаните кои честопати се појавуваат во Македонија. Сетете се само на блиските средби од трет вид што пред дванаесетина години се случија во Штип. Неколкуте сведоци што телевизиите ги беа снимиле, беа во тотален шок од неверојатното соочување со непоимливите ентитети од други светови. Тука е секако и лорандитот од рудникот „Алшар“, за кој се врзани еден куп неверојатни настани. А, тука е и фамозниот Диљо од Гази Баба, кој имал неверојатно голем фалус. Должината на Диљовиот фалус била цели 75 центиметри и секогаш кога доживувал ерекција го носеле во болница зашто паѓал во несвест поради недостигот од крв во останатиот дел од телото.
*(Колумните на Адрапо Спараи ќе бидат објавувани секој петок)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


