| четврток, 6 декември 2018 |

„Лазар“ прикажан на Пулскиот филмски фестивал

Македонскиот филм „Лазар“ на Светозар Ристовски синоќа беше прикажан на 63. Пулски филмски фестивал. „Лазар“ е во конкуренциија за наградата „Златна арена“ заедно со „Добра жена“ на Мирјана Карановиќ, „Хјустон, имаме проблем!“ на Жига Вирц, „Целосен удар“ на Давид Вербек, „Трема“ на Јоргос Зоис и „Врапци“ на Рунар Рунарсон.

– Овој филм не се занимава со жртвите, со емигрантите. Тој на бегалците гледа од поинаков агол, од балкански агол, каде што луѓето криумчарат мигранти. Ситуацијата е поставена така што публиката се идентификува со криминалците, а не со жртвите. Самите бегалци не се во центарот на приказната – изјави Ристовски во Пула.

Филмот „Ослободување на Скопје“ на Раде Шербеџија, копродукција меѓу Македонија, Хрватска, Финска и Велика Британија, ќе биде прикажан надвор од конкуренција на годинешниот 63. Пулски филмски фестивал што почна на 9, а ќе трае до 16 јули.

Во главната натпреварувачка програма на хрватскиот филм се седум играни и документарни филмови, со два надвор од конкуренција, а селекцијата, како што посочува белградски „Данас“, ќе ја одбележат премиери и женско творештво.

Во конкуренција се филмовите: „Трамполин“ на Катарина Зринка-Матиевиќ, „Збрки“ на Лана Косовац, „Министерство за љубов“ на Паво Маринковиќ, „Се најдобро“ на Снежана Трибусон, потоа документарецот „Генерација ’68“ на Ненад Пуховски, хитот во кината „Народен херој Љиљан Видиќ“ на Иван Горан Витез, како и „Од онаа страна“ на Зринко Огрест. Надвор од конкуренција ќе бидат прикажани документарецот „Модар кафез“ на Бруно Баиќ и „Животот е труба“ на Антонио Нуиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top