Настаните на штотуку завршеното 36. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ го посетиле 17.500 публика, соопшти организаторот.
Двесте филмски наслови – долгометражни, кратки, играни, документарни, студентски, детски филмови беа прикажани во 13 фестивалски програми. Филмовите беа прикажувани во четири сали. Целата програма, заедно со ОФФ-програмата, која содржеше промоции на албуми, концерти, настапи на диџеи – опфати вкупно 22 локации.
Битолчани покажаа огромен интерес за содржините од „Оф-програмата“, кои беа вкупно 31.
Во организирање на фестивалот работеа 30 луѓе, а за целосната реализација помогнаа и 13 фотографи (кои направија архива од 21.000 фотографии), 25 хостеси, 65 волонтери, 20 лица од техниката.
Вкупно 10 награди додели фестивалот, како и една што ја додели Унгарската филмска лабораторија, во износ од 10.000 евра, за режисерот на најдобриот филм во програмата „Нов европски филм“, Гримур Хаконарсон.
Најголем интерес кај публиката предизвикаа филмовите: „Лазар“ на Светозар Ристовски, „Платен убиец“ на Дени Вилнев, „Магбет“ во режија на Џастин Курцел.
Во Дополнителната програма на фестивалот, се одржаа: шест мастер-класи (Божидар- Бота Николиќ, Хајет Бенкара, Ришард Ленчевски, Јаромир Шофр и две на Милчо Манчевски), пет работилници (Пеце Котевски, Дебора ван Дам, Вим Корин, Мигел Љансо, Шофр и Марек Јиха), две панел-дискусии (Ана Василевска – македонскиот филм во минатите 25 години и филмската критика денес, што ја водеше Гена Теодосиевска со петмина гости критичари), шест презентации (Филмската академија од Охрид, Торино Филм Лаб, СОНИ, Атер студио, Изириг и Vision.mk), една конференција, три изложби.
Мастер-класите на Милчо Манчевски и на Божидар-Бота Николиќ предизвикаа најголем интерес. На конференцијата на ИМАГО учествуваа 12-мина излагачи од регионот и пошироко. Имавме 65 студенти од 13 филмски академии и факултети со кои потпишавме договори за соработка. Фестивалот додели и награда за најдобар студентски филм „Милевин потиљак“ на режисерот Никица Здуниќ, што на победникот му ја врачи режисерот Милчо Манчевски.
Околу 2.700 деца ги посетија шесте филма од Вип-детската програма. Инаку, 50-ина студенти беа гости на фестивалот и учествуваа во програмите. Околу 550 деца ја проследија светската премиера на филмот „Момчето-фантом“, прв цртан филм целосно синхронизиран од актери на Народниот театар од Битола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.