Токму на „Манаки скрипт корнер“ филмот „Лазар“ ја почнал својата приказна. Среќни сте што македонската и светската премиера ќе бидат токму на „Манаки“?
РИСТОВСКИ: Да, секако дека сум среќен. Во развојниот период на овој проект филмот беше во селекција на фестивалите во Солун, Софија, Трст и „Браќа Манаки”, каде што добивме награда за сценарио, и сега го затвораме кругот со премиера на фестивалот „Браќа Манаки”. Фестивалската политика е секогаш непредвидлива. „Лазар”, доби покана од повеќе фестивали, и требаше светската премиера да ја имаме на фестивалот во Монтреал и веднаш после тоа да дојдеме во Битола со македонска премиера. Но, во меѓувреме добивме многу поатрактивна покана за натпревар на фестивал од А–категорија, кој за жал до 22 септември не смееме да го објавуваме, и се повлековме од Монтреал заради ексклузивитетот за меѓународна премиера. За среќа на македонските љубители на филмот и на фестивалот „Браќа Манаки”, и на мое големо задоволство, директорот на овој фестивал имаше разбирање и наклоност и прифати „Лазар”да има македонска односно светска премиера во Битола.
Приказната во филмот е за Лазар и Тони, чија тешка економска состојба ќе ги втурне во нелегалниот свет на шверцување емигранти. Дали филмот е рефлексија на општеството во кое живееме?
РИСТОВСКИ: Да. „Лазар“ е инспириран од настани и луѓе кои лично ги познавам и кои од економскиот безизлез во долгиот транзициски период на нашата држава оставена на маргините на ЕУ, се впуштаат во шверцување емигранти. Ова е светот на приказната на „Лазар”, инаку самата приказна е многу повеќе – љубовна драма за еден безчувствителен млад човек, кој откога ќе се заљуби, започнува да се согледува себеси, започнува емоционално да се освестува и ја открива хуманоста во себе.
Каква фестивалска иднина му предвидувате на „Лазар“?
РИСТОВСКИ: Се надевам дека „Лазар“ ќе биде прикажан на повеќе фестивали. Веќе имаме покани од фестивали во Франција, Луксембург, Естонија, потоа најверојатно ќе следуваат фестивали во Северна Америка, Јужна Америка, Азија и така натаму. Паралелно со ова, ние планираме скопска премиера и кино дистрибуција во Македонија до крајот на годинава, верувам некаде во ноември. Бидејќи филмот е копродукција на Македонија-Хрватска-Бугарија-Франција, поддржана од „Еуримаж“, секоја земја-копродуцент има обврска да го дистрибуира филмот во кино во сопствената земја, па така верувам дека во наредните неколку месеци „Лазар“ ќе влезе и во кината во Париз, Загреб и Софија, а потоа се надевам и во некоја друга земја. Потоа следува телевизиска и интернетска дистрибуција.
Живеете во Канада веќе една декада. Како оттаму гледате на македонскиот филм и на македонската кинематографија?
РИСТОВСКИ: Со тоа што сум во Канада, некои работи ми се малку поочигледни. Македонскиот филм мораме да го гледаме како културен продукт, а не како пазарен. Македонија нема пазар за филм. Нашата публика не е толку голема за да се произведуваат филмовите пазарно, и кинематографијата да порасне заради тоа. Нашите телевизии, со чесни исклучоци, ниту кофинансираат, ниту откупуваат македонски филмови. За светскиот пазар, нашите филмови се неприфатливи, најпрво заради јазикот, а потоа и заради многу други фактори. Ретките фестивалски успеси го пронаоѓаат своето место на меѓународниот пазар, но тоа е минорен профит за да се гледа филмот поинаку, освен како културен продукт. Доколку се фокусираме на тоа да се произведуваат квалитетни филмови, кои пред сè ќе бидат уметнички силни и уникатни, шансата за успех е многу поголема, отколку да се обидуваме да имитираме комерцијален модел од голем филмски пазар.
Што им недостига на македонските филмови за да може да успеат на светските пазари?
РИСТОВСКИ: Премногу работи. Пред сè постојат два генерални типа на светски филмски пазар: популарен или таканаречен мејнстрим филм и уметнички филм. Мејнстрим филмовите се пред сè холивудски блокбастери кои се производ на многу голема и организирана индустрија и чинат од дваесетина до двесте милиони долари и повеќе. Ние со ништо не можеме да се квалификуваме на тој пазар. За утеха, додуша, е дека ниедна друга земја освен Англија и маргинално Франција, не може. Другиот пазар е некомерцијалниот пазар, кој,главно, се однесува на фестивалска експозиција и лимитирана дистрибуција. Овој пазар, ако можеме воопшто да го нарекуваме пазар, е исклучително тежок, затоа што функционира по спротивни принципи од мејнстрим пазарот. Исто така, бидејќи мејнстрим филмот е затворен повеќе-помалку за сите други освен за Холивуд, конкуренцијата од Кина и Русија, до Иран, Аргентина, Турција, Романија и Тајланд е точно во овој мал лимитиран пазар. Јас лично мислам дека доколку македонските филмови имаат голем уметнички квалитет и капацитет, тогаш во светот на филмските фестивали, и специјализирана дистрибуција можат да се пробијат, но треба многу да се работи за тоа. Нашата филмска продукција до скоро беше инцидентна. Мислам дека мора да се создаваат услови за правење филм, исто така мора да се направи многу ригорозна натпреварувачка средина овде кај нас, за да биде квалитетно тоа што се произведува, за да може да излезе надвор од Македонија и да биде квалитетен репрезент.
Дали уметноста треба да биде ангажирана?
РИСТОВСКИ: Интересно и комплексно прашање. „ Дали треба?…“ Мислам дека уметноста е експресија која се менува како што се менува цивилизацијата и не сум сигурен дека некој може да знае „дали треба“ и „како треба“. Од кога постои уметноста, уметниците се обидувале да спознаат некои универзални вистини и имагинативно да ги искомуницираат низ различни медиуми. Доколку рефлексиите од потрагата по спознание е ангажирано, тогаш и уметноста е ангажирана. Но тогаш се ангажирани и математиката и физиката, и така натаму. Доколку пак, како ангажираност се подразбира политички, социјален, економски или каков било друг контекст, тогаш и не зборуваме за уметност, туку за пропаганда или за забава, (популарно наречена ентертејнмент). Многу често, кога површно се толкува репрезентативната уметност, посебно онаа од христијанска Европа, од Византија па сè до почетокот на модернизмот, истата може да се протолкува како пропагандна естетика и декоративно занаетчиство, ангажирана да ја промовира црковно-аристократско-буржоаската доминација и идеи. Да му служи и го промовира режимот. Не многу поинаку од комунистичката пропагандна естетика, или западната поп и постпоп естетика. Но, кога малку подлабоко ќе се загледаме во вистинските уметничките дела, дури и некои црковни литургии, или како контраст, некои пропагандни филмови на Ејзенштајн, гледаме дека одат многу подлабоко во потрага по универзалната вистина од површниот репрезентатитвен наратив. Се надевам дека успеав накратко да го објаснам моето гледање и мојот став по ова многу комплексно прашање, но за да бидам уште поедноставен и појасен, на крај само би додал „Дали е Шекспир ангажиран?“Ако е, тогаш уметноста треба да биде ангажирана. Ако не е, тогаш не треба.
На кој нов проект работите сега?
РИСТОВСКИ: Мојот нов проект работно се вика „Свеќарката“. Сценариото е на Грејс Лиа Троје, а проектот засега го развивам со францускиот копродуцент од „Лазар“, Гијом де Сил. Премногу е рано да откривам детали за овој проект, но веќе конкуриравме за поддршка во нашата агенција за филм, наскоро ќе го претставиме на семинар во Франција. Се надевам дека ќе влеземе во продукција до крајот на 2016 година. Активен и како продуцент, и во периодов работиме на подготовки за снимање на дебитантскиот филм на Марија Џиџева, „Жртва“ по сценарио на Огнен Георгиевски, за кој верувам дека веќе напролет ќе започнеме со продукција.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
(Интервјуто со Светозар Ристовски е објавено во 159. број на неделникот Република, 18.09.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.