Кој би можел да ги проценува состојбите по галиматијасот што се случи со излезот на Велика Британија од Европската унија? Секако, тоа не се во состојба да го сторат таканаречените експерти, кои со своите фразеологии само создаваат уште позаматени и понејасни претстави. Чудесни се нивните стратегии за експлицирање на збунетоста и нејасноста, која избива од нив самите – конечно, кој е пророк во ова време на либералниот капитализам и атеизам?
Не останува многу простор за едно прифатливо, едноставно и релевантно објаснување – што се случува во моментот на светската политичка сцена и кон што води сето тоа?
Можеби нашите општочовечки паранои се само проекции на внатрешните стравови, што секое живо битие ги има во себе, пред сѐ, оној основниот – стравот од смртта.
Но, исто така, историјата, но и просторазумските аналогии што ги правиме катадневно за да создадеме една реална или, ако сакате – вистинска слика за светот, ни кажуваат дека општествата, државите, та дури и цивилизациите, исто како и личностите и другите живи суштества, имаат еден цикличен почеток и крај.
Сепак, нештата се обновуваат, состојбите, животот, општествата, па и цивилизацијата, на нови основи и енергии, кои доаѓаат од неспознатливата димензија, од суштината на постоењето.
Големата драма како да влегува во својата кулминациска фаза, предупредува, но никој не знае во која насока ќе се устреми целиот тој хаос, целата стихија, исполнета со моќни и несинхронизирани сили.
Експертите се исклучени, барем еден огромен дел од нив. До сега не видов една, единствена точна прогноза за разврските на некои еруптивни и збунувачки ескалации во глобалниот систем. Но не е, дека нема точни предвидувања за состојбите во светот, сепак , тие воопшто не доаѓаат од суетните и високопарните експерти, кои кокодакаат една иста здодевна прикаска, одново и одново.
Светот воопшто не е така здодевен како што изгледа во јаловите раскажувања на експертите. Барем кај огромниот дел од нив. Доколку, пак, некој од нив отстапи од конвенционалните рамки на менталното талкање и, при тоа затскривање со една стандардизирана стерилност, што не кажува ништо, тогаш овој екстраординарен примерок, ренегат од „еснафот“ бива прогласен за шарлатан, неодговорен, непрофесионален, невоздржан, забеган… и, веднаш потоа, мноштвото го изолира и упропастува на професионален план.
Тешко е да си пророк деновиве. На многумина таквото однесување нема да им се допадне и веднаш ќе се стават во деструктивна акција, понесени од својата агресија, од таа нивна страшна фрустрација – да се сака, а да не се може, да се живее во лага и зихерашки… Со кое право, некој си таму забеган манијак, ќе ни ја претставува иднината, ќе нѐ плаши, ќе ни го ремети мирот?!
- Па, нели, тоа е работата на експертите, врз база на нивните знаења да се произнесуваат по виталните прашања за граѓанството, па и по самите предвидувања на нештата кога тоа ќе затреба.
Но, не, никако! Никој не може да ги предвидува нештата, посебно денес, по триумфот на рационализмот, на дијалектичкиот материјализам, во добата на атеизмот, на агностицизмот, та дури и на солипсизмот.
- Како тоа, ќе предвидува?! – Какви се тие мамбо-џамбо, во времето на просветлента цивилизациска мисла, ослободена од средновековните предрасуди?
Тогаш дејствува невидливата, но сеприсутната инквизиција на „здравиот разум“ и следува „професионалната“ пресуда.
А светот е брутален, посебно оној на либералниот капитализам во земјите од Третиот свет, во кој можеме да ја позиционираме и нашата татковина.
Би било интересно, на пример, овие неинвентивни и крајно неимагинативни експерти барем да се обидат со шпекулации, да претпоставуваат одредени разврски врз база на темелно спроведени анализи. Но, нема идеи, а и неблагодарно било да се претпоставува врз база на скромниот асортиман од факти. Тоа, наводно, ќе создадело лажна слика и ќе ги компромитирало напорите на институциите и масите во обидот да се пресретнат вистинските предизвици на времето.
И, сѐ така во круг, и ниедно релевантно предвидување, никакво појаснување на состојбите за збунетите граѓани. А, и чуму?
- Така барем мислат возгордеаните експерти, демек, и да знаат – а „знаат“, тоа воопшто не е потребно да им биде претставено на масите. Тоа што тие, наводно, го знаат – а се фолираат дека го знаат, само би ги збунило луѓето, би внело стравови и паника и, во некој краен ефект, сето тоа би можело да предизвика одреден тип на хаос.
Демек, тие, ескпертите, имаат еден етички однос кон заедницата, граѓаните ги третираат како деца или како идиоти, па сега дозираат информации за да не предизвикаат стампедо кај граѓанството. Како да се работи за стадо говеда. Впрочем, таа перцепција кај „експертите“ од Комуњарец беше јавно искажана од нивниот претседателски кандидат на последните избори. N’es pas?
Гледајте, тоа со експертите не треба многу да ве потресе. Се работи за етикеција, трансформирана во професија. Но слободно можете да ги прашате луѓето околу себе – што ќе се случува на глобалната политичка сцена во следните месеци. Сигурно нема да добиете експертски одговори, но ќе се појават луцидни, интересни, па дури и забавни предвидувања. Впрочем, најдобро е да се запрашате самите себе и одговорот ќе дојде.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.