-Сакам да им ја честитам победата на Германците, но вчерашниот ден остави силна трага врз нас. Ние патувавме 13 часа додека германските ракометари се одмараа. Двете селекции не се во рамноправна положба. Свесни сме дека слабо го почнавме натпреварот. Ни успеваше да го одржуваме резултатот неизвесен, во второто полувреме имавме шанса и да го стигнеме противникот, но немавме сили да одиграме до крај. Многуте промашени шутеви и техничките грешки не дозволуваат да се добие ривал како Германија – изјави слекеторот на македонската ракометна репрезентација по денешниот пораз од Германија на СП во Шпанија.
Тој сепак е задоволен од пласманот, бидејќи, како што вели примарната цел била Македонија да се пласира во осминафиналето.
-Жал ми е што не можевме да се подготвиме подобро за дуелот со Германија, немавме време да одржиме ниту еден тренинг за да се подготвиме. Денеска целосно потфрливме, но не само по наша вина – изјави селекторот.
Пикерот Стојанче Стоилов пак зборуваше за критиките упатени на име на неговиот соиграч Дејан Манасков, кој за многумина е трагичарна натпреварот:
-Грешка е да се посочи Манасков како виновник за денешниот меч. Тој најмногу од сите сакаше да постигне гол. Тогаш не дадовме гол, но разликата остана три и четири погодоци, исто како на половина од второто полувреме. И против Русија во тој период губевме со шест гола, но успеавме да се вратиме. Овојпат немавме сили за целосен камбек, нозете не издадоа. Вчерашниот ден беше многу тежок за нас, бевме преморени и тоа се одрази врз нашата игра. Не сакам тоа да биде изговор, но навистина секогаш имавме време да се подготвуваме за следниот противник, овојпат немавме ниту тренинг.
И капитенот Кире Лазаров се жали на лошиот транспорт од Севиља до Барселона. Тој вели дека било тешко против една полнолетна Германија. Тој смета дека имало шански кои не смеат да се пропуштат, како оној зицер кој го промаши Манасков.
-Резултатски можеби овој мундијал е неуспешен, но покажавме новини во играта и убеден сум дека уште повеќе ќе напредуваме во иднина. Го подмладивме составот, добивме неколку квалитетни ракометари кои што ќе бидат уште подобри на следните големи натпреварувања. Не треба да ни паѓа моралот, ние сме спортска нација, се надевам дека целата спортска јавност ќе биде задоволна од нас и од резултатите што ги постигнавме во изминатиот период. Мое мислење е дека игравме помодерно отколку на последното Европско Првенство, но резултатски минавме полошо отколку во Србија. Целта е јасна, да го задржиме континуитетот и да се обидеме да стигнеме до место на Олимписките Игри во Рио. Јас воопшто не се сомневам дека имаме квалитет за такво нешто. Најлошо е да се направи лоша атмосфера и да се растуриме, да се критикуваме едни со други, но нема да дозволиме такво нешто – вели Лазаров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


