На почетокот на месецот опозицијата плачеше за одложување на изборите надевајќи се дека ќе продолжи да учествува во власта без одобрение од граѓаните. Но, кога министрите ѝ беа исфрлени на улица (по нивно барање), повторно почна да моли кај странците за нова техничка влада. Дури и беше убедена дека до крајот на јуни ќе се врати во министерските фотелји. Бидејќи овој пат не успеа да ги намоли да ѝ ја исполнат желбата, се реши и ова лето да го напушти Собранието и да оди на колективен одмор. Се разбира, и овој пат на сметка на граѓаните.
Додека се чека странска донација и нова златна рипка, преку платеничката револуција се измислуваат разни уцени и барања за вештачко одржување на кризата. За да се создаде слика дека „револуционерите“ се на улица, а не на плажа, се испорача ултиматум до Уставниот суд за позитивно изјаснување во врска со иницијативата за легитимноста на СЈО. Рокот помина, но не се случи ништо. Сега, на крајот на месецот, повторно „ѝ светна“ нова идеја – сакала и специјален суд. На желбите и на лудилото им нема крај. Којзнае што ќе ѝ текне во јули и во август кога ќе ја удри сонцето в глава. А којзнае, можеби и, навистина, ќе улови некоја златна рипка. Но, шегата настрана.
Глумењето интерес за брзи избори и постојаното поставување нови, налудничави услови за нивно одржување, едноставно, не одат едно со друго. Ваквите контрадикторни барања покажуваат дека дури ни таа самата не знае што сака или, пак, чека од своите странски ментори да ѝ кажат што понатаму.
До терминот што го споменува опозицијата има четири месеци. Исто колку што имаше до 5 јуни, кога првпат се одложи договорениот термин за избори во Пржино. Првото логично прашање на кое Заев треба да одговори е како може избирачкиот список да се прочисти во периодот што претстои, а не можеше од февруари до јуни? Ако Заев признава дека е можно во период од четири месеци да се обезбеди веродостоен избирачки список, тогаш се поставува прашањето зошто ДИК не го прочисти списокот за изборите на 5 јуни? Кој и зошто ја бојкотираше работата на комисијата? Да не заборавиме, опозиционерите дури бараа изборите да се одржат по спроведување попис за списокот да бил веродостоен! Е, сега откако куртулија од избори на 5 јуни, повторно може да се чисти списокот без попис.
Со оглед на фактот дека опозицијата по којзнае кој пат се откажа и од својот предлог за активна регистрација на гласачите (кој до 5 јуни тврдеше дека го одбила ВМРО-ДПМНЕ), единствениот начин да се одржат избори во ноември е Заев да го прифати барањето на ВМРО-ДПМНЕ и да даде цврста гаранција, односно да потврди дека избирачкиот список е чист. Но, место гаранција, Заев и СДСМ повторно си играат весела математика со спорни гласачи и непотребно одолжуваат. Целта е јасна и веќе двапати видена. Заев сака повторно да се вгнезди во власта, но и по третпат да си остави простор да избега од соочување со народот наесен.
Тоа што не му оди в прилог е приближувањето на локалните избори, кои треба да се одржат во март в година, па поради тоа не може да се изживува со народот и со државата до бесконечност. Градоначалничката функција во Струмица е од огромно значење за матниот бизнис на кланот Заеви, многу поважна од пратеничкото столче, дури и од министерските места во некаква техничка влада. Така што, што и да се случи, Заев, сигурно, нема да ги бојкотира локалните избори и по секоја цена ќе се обиде да го добие четвртиот градоначалнички мандат. Но, колку што поголема штета ѝ прави на државата и колку што повеќе бега од народот, толку е посигурно дека СДСМ ќе доживее голем дебакл, а Заев ќе ја загуби и Струмица.
Од овие причини може да очекуваме дека кризата ќе заврши најрано наесен, или најдоцна до март в година, кога повеќе од сигурно СДСМ ќе го доживее најголемиот пораз во своето постоење.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.