Шеф на една хрватска фирма одлучи сите вработени да ги прати на одмор на Канарските Острови.
Основачот на фирмата „Белабит“, Сандро Мур, вели дека секогаш на „Фејсбук“ гледал како работодавци се шетаат и се фотографираат на луксузни дестинации.
– И јас сакав да бидам на тие места, но поради работата во компанијата, тоа не можев да го изведам, едноставно затоа што не е фер кон целиот тим. Затоа, решивме да го промениме моделот и да создадеме ситуација – или одат сите или не оди никој – вели Мур за хрватскиот портал „Индекс“.
Ваква одлука донел затоа што жештините во Загреб се неподносливи, а летните месеци не се многу продуктивни.
– Одлучивме целиот тим да го преселиме на Канарските Острови. Закупивме луксузни вили со базени, а секој член на Канарските Острови може да помине време колку што сака. Работното време е флексибилно и секој може да одлучи, кога и колку ќе работи, како и кој проблем ќе го решава. Овој модел на работа докажано е најпродуктивен – објаснува тој.
„Белабит“ е фирма која создава паметни уреди кои на жените им помагаат да го следат квалитетот на живот и здравјето во различни животни фази. Во мај 2015 година го лансираа уредот паметен накит за жени кој е прогласен за еден од најдобрите додатоци за минатата година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.