Утре, 28 јуни, вторник, со почеток во 21 часот во фоајето на кино „Фросина“ (МКЦ), ќе се одржи промоција на книгата „Сјај и страв и песни“ од Даница Ивановска Лепојевиќ, во издание на Култура А. Д.
Промотори на збирката ќе бидат поетесите Елена Пренџова и Искра Донева, и писателот Анде Јанков, додека стиховите ќе ги говорат поетесата Ана Голејшка и самата авторка. Атмосферата ќе биде дополнета со настап на Сашко Костов.
Стихозбирката ја понесе наградата „Антологија на болката“ за најдобра збирка љубовна поезија на овогодишните Рацинови средби.
„Оваа стихозбирка се издвојува по романтичарскиот дух, кој ја прави малку поинаква од останатите, но истата се истакнува со драматичност во зборот и лапидарност во изразот, што придонесува за едноставно доживување на истата“ – вели писателката Катерина Момева.
„Поетскиот ракопис на Даница Ивановска Лепојевиќ изобилува со лирски, драматични, но и конотативни поетски метафори. Емотивно, сликовито и конкретно, со модерен општествен дискурс. Образувајки јасни слики, импресивно е доловен субјективниот свет на поетот.
Стихозбирката изобилува со топли емоции, едноставно пласирани, но исто така вешто нивелирани“.
Поетесата Искра Донева вели дека „Даница Ивановска Лепојевиќ го прави пишувањето толку природно и стихијно, та сега емоциите се прелеваат и излеваат неконтролирано без оглед дали ќе има жртви. Нејзиниот емотивен потенцијал и искуство, можеби се застрашувачки, но во исто време се и толку благородни, оти се длабоко човечки и исконски, доживеани и преживеани ко ураган. Оттука таа покажува огромна храброст во сиот свој сјај и страв на својата женскост да изгради мост од стихови преку разбранувани диви страсти и емоции, контрасти кои клокотат како жив вулкан.“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.