| четврток, 6 декември 2018 |

Започна меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“

Дваесет и пет ликовни уметници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Франција, Албанија, Бугарија, Турција и Русија до 10 јули ќе творат на седмата Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“.

Вевчанската колонија, чиј организатори се сопствениците на ресторанот „Виа Игнација”, свечено беше отворена во сабота (25 јуни), а отворањето беше посветено на доајенот на македонското сликарство академик Глигор Чемерски, кој беше учесник на колонијата „Вевчански видувања“.

Големото и плодно творештво на Чемерски, според Мишо Китаноски, ќе остане засекогаш сопственост на македонскиот народ и неговата култура.

– Твоите сликарски дела се непотворливи секаде во светот. Досега биле изложени на над 150 ликовни изложби во сите изминати децении исполнети со твоите немири и копнежи да се допре до недопреното, да се дофати недофатеното во уметноста и пак да се остане свој и на својата, на македонската почва. Твоите дела најдобро сведочат дека со убавината се брани татковината, рече Китаноски.

Уметникот Петар Попчев, учесник на сите досегашни колонии се осврна на моментите поминати со Чемерски. За уметноста посочи дека нема граници и бариери, а како пример за тоа ја посочи средбата со минатогодишни учесници од Белград со кои не се сретнал, но сега по делата се препознале.

– Уметноста нема граници, нема бариери, уметноста може да ја препознаете било каде, но мора да има размена на енергии на уметниците. Колку сум послободен уметноста ми враќа многу повеќе. Тука природата е фантастична. Рано наутро одам да пешачам, а потоа почнувам да сликам, вели Попчев.

Олга Панкина од Русија по втор пат учествува на колонијата и е воодушевена од Вевчани и околината, но и од народот. По нејзина препорака, истакна дека група руски уметници појавиле интерес да дојдат во Вевчани и да творат.

– Лани бев и останав одушевена од Вевчани, од околината и од колонијата. Тука се е средено, се потруди природата, а и луѓето се грижат да биде убаво. Ќе направам една слика инспирирана од поезијата на Блаже Конески тоа ќе биде ѕвездено небо шиено со црвен и црн конец, како во неговата позната песна. Преку литературата и уметноста ја промовирам Македонија во Москва, рече Панкина.

На отворањето на колонијата присуствуваа претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски, како и заменик министерот за култура Драган Недељковиќ.

Изминатите години изложби со слики од колонијата беа организирани во Њујорк, Подгорица, Софија и во Скопје, но и низ други градови во Македонија, кои предизвикаа голем интерес кај публиката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top