Ликовните уметници Гордана Винчиќ и Игор Љубовчевски организираат ликовна колонија во Градската кафеана Пелистер на Плоштад Македонија. Како еден важен дел од настанот на 3 март ќе се реализира и Мултимедијална интернационална изложба на која ке бидат претставени сите дела, творени во периодот од страна на странските учесници и донираните дела од локалните уметници.
Колонијата и симпозиумот се одржуваат со поддршка на Центарот за промоција на културата и туризам. Овие двајца ентузијасти сакат во иднина ова да стане традиција и бренд на еден нов културен бран и уметнички форум.
Велат идејата за остварување на “АРТ Симпозиум С`копје” се родила од желбата и потребите за еден нов вид на форум, кога нашиот главен град ќе може да “дише” со уметност. Нов вид на форум каде што локалните уметници можат да се истакнат и во едно отворено друштво да разменат искуства со своите колеги и со уметници од целиот свет. Форумот е од отворен тип и овозможува директен контакт со граѓани кои се занимаваат со уметност или се љубители на уметноста. Младите кои се заинтересирани да дознаат нешто повеќе за уметничкиот свет, исто така, се добродојдени. Гордана Винчиќ одвои време да проазговараме во текот на овој настан додека уметниците од Саудиска Арабија, Турција, Велика Британија, Мароко итн пристигнуваа во Скопје да творат.
Oрганизатори сте на Мултимедијална интернационален Симпозиум која прв пат се орджува во Скопје. Колку учесници има и од кои држави доаѓаат?
-Овој настан го организирам заедно со мојот колега Игор Љубовчевски – Љубац. На неа ќе земат удел 30 учесници од кои половината се од странство, а останатите се локални уметници. Од странските држави се застапени, Мароко, Саудиска Арабија, Бугарија, Грција, Србија, Велика Британија, Албанија, Косово и Турција.
Од каде идејата да организирате ваква колонија, симпозиум и изложба?
-Како дел од мојата соработка со Игор, заеднички изложби и учество на бројни колонии овде и во странство сметавме дека на Македонија и треба еден нов вид на форум каде што локалните уметници ќе можат да се истакнат и да се интегрираат со странски уметници. Воедно да разменат искуства, да дојдат во контакт со љубителите кои имаат желба да купат уметност. На граѓаните на Македонија и сите љубопитни да им се овозможи непосреден контакт со уметниците и процесот на творење. Ова е наш искрен и пионерски обид да допреме до јавноста со крикот на уметниците за промена на атмосферата во Македонија каде што уметноста ќе добие можност да дише. Благодарни сме што добиваме голема поддршка од локалните уметници, медиуми, галеристи и љубители на уметноста за Симпозиумот. Гледаме дека на различни места во доменот на уметноста има стопроцентна поддршка од државата и желба ни е во иднина со овој проект да им се обратиме и на институциите. Длабоко веруваме дека ќе биде интересен како еден иновативен проект.
Досега учествувавте на бројни колонии и изложби ширум светот. Какви се придобивките од ваквото дружење, размена на искуства?
-Најпрво се проширува видикот и палетата на можности во творењето. После секое уметничко заедникување, колонија, симпозиум, арт резиденција и изложба доживувам една неверојатна надградба на моето ликовно творење. Еден вид забрзан и успешен семестар. Покрај тоа се здобивам искуство и сознанија за други за мене непознати и подалечни култури. Се шири мрежата на моите контакти.Најважната придобивка од овие заедникувања се новите идеи и потик за нови остварувања. Јас и Игор Љубовчевски на тој начин дојдовме и до идеата за горе наведениот Симпозиум.
Што претставува за Вас уметноста?
-Уметноста е патека до самоостварувањето и дарителка на пасијата кон самиот живот. Подготвувам една самостојна изложба со наслов СЕНКИ. Напоредно заедно со Игор сликаме многу интересни склуптури изработени од нашиот колега и скулптор Владо Костов.
Живеете на релација Шведска-Македонија. Дали мешањето на културите е инспиративно за Вас?
–Отсекогаш ми било интересно и инспиративно да се ставам во нови светови, па дури и планети. Тогаш доаѓам во средба со мојата љубопитост и пронаоѓање на музите на кои им се предавам во моето творење.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.