| четврток, 6 декември 2018 |

Отворена изложбата на Дејмиен Хрст во Музејот на современа уметност

Во Музејот на современа уметност (МСУ) вечерва беше отворена изложба на дела од современиот британски уметник Дејмиен Хрст, со која Британскиот совет во Македонија одбележува 20 години постоење. Изложбата, насловена „Нова религија“, е целина од 44 графики изработени во ситопечат­ техника и четири скулптури кои функционираат како циклус фрески. Реализирана е во соработка на Британскиот совет, галеријата „Пол Столпер“ од Лондон и Министерството за култура и е прво гостување на дела од Хрст во Македонија. ­

-Исклучително е задоволството, што по Лондон, Осло, престижните галерии и музеи во Италија, Русија, Норвешка, Полска, и уште други 80 земји во светот, современиот британски гениј, кој храбро ги поместува границите на уметноста, конечно вечерва можеме да го видиме и во Скопје. Преку оваа инсталација Хрст не поттикнува сериозно да се осврнеме на животните вредности, на религијата, љубовта, уметноста и науката кои, според авторот, се инструменти кои ќе ни помогнат да го најдеме својот животен пат, рече министерката за култура Елизабета Канческа­Милевска на отворањето на изложбата.

Истакна дека е големо задоволство што по исклучителната изложба на британскиот авангарден скулптор и графичар Хенри Мур, која пред неколку години во МСУ ја видоа повеќе од 17.000 посетители, се добива повторно можност за изложбата на, како што рече, уште еден уметнички гигант. За оваа нова можност таа им се заблагодари на Британскиот совет, Амбасадата на Обединетото Кралство, на кураторот и галеријата „Пол Столпер“ и на Музејот на современата уметност.

Дејмиен Хрст е еден од највлијателните, најиновативните, најконтраверзните и најуспешните светски автори, чии провокативни идеи во деведесетите години го привлекоа вниманието на светската културна јавност и неговото име стана и симбол на нова генерација авангардни уметници.

На отворањето на изложбата се обратија и британскиот амбасадор Чарлс Гарет, регионалниот директор на Британскиот совет, Енди Вилијамс, и директорот на МСУ Лазе Трипков.

Изложбата „Нова религија“ досега има гостувано во повеќе земји во Европа и регионот, а во Скопје ќе остане до 11 август.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top