| четврток, 6 декември 2018 |

Во МНТ гостува последната претстава на Пандур – „Фауст“

Пандур со алхемичен процес ја преобразува легендата за Фауст во интелектуална и емотивна атмосфера на нашето време и создава своја сопствена поезија и вистина. При вечната борба против сеприсутното зло, го нагласува бескрајниот копнеж кон се што ни е недостапно или неостварливо: кон семејството, љубовта, младоста, убавината

Во Македонскиот народен театар на 24 јуни, петок, во 20 часот ќе биде одиграна последната претставата на големиот режисер Томаж Пандур „Фауст“, во рамките на „МНТ-Фест“.

Во поставката на „Фауст“, големата копродукција на Словенско народно гледалишче и 63. Фестивал Љубљана, која за жал стана негова последна претстава во театарскиот опус, Томаж Пандур, признаениот и меѓународно најуспешниот словенечки театарски режисер, по трет пат во својата богата кариера се соочи со еден од најголемите европски митови. Иако Фаустовата приказна се темели на средновековната легенда за човекот, кој ја продава својата душа на ѓаволот, таа говори за чувството на оттуѓеност на слободниот човек и неговата потреба за разбирање на себе си и светот по поширокиот контекст на универзумот.

faust1

Пандур со алхемичен процес ја преобразува легендата за Фауст во интелектуална и емотивна атмосфера на нашето време и создава своја сопствена поезија и вистина. При вечната борба против сеприсутното зло, го нагласува бескрајниот копнеж кон се што ни е недостапно или неостварливо: кон семејството, љубовта, младоста, убавината.

Влегувањето во просторите на магијата, во пределите на космичките сфери, на Фауст, барем за миг, му овозможува доживување и исполнување, љубов, власт и моќ, а со крв потпишаниот договор со Мефисто – или со самиот себе – на крај го враќа во неговата самотија и минливоста на животот.

faust2

Во улогата на Фауст настапува Игор Самобор, Бранко Штрубеј е Мефисто, Барбара Церар – Г-ѓа Мефисто, Полона Јух – Маргарета, Бранко Јордан – Валентин, Урош Фурст е Шеф на кабинетот и Роберт Корошец, Филип Самобор, Жан Перко и Матиц Лукшич како членови на кабинетот.

Драматург и автор на адаптацијата на преводот на Божа Водушка и Ерик Воук е Ливија Пандур, сценограф е Свен Јонке, костимограф Фелипе де Лима, лектор Татјана Станиќ, дизајнер на видео Доријан Колунџија, композитор Примож Хладник и Борис Бенко и дизајнер на светло Томаж Пандур.
Претставата трае 149 минути со една пауза од 15 минути.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top