| четврток, 6 декември 2018 |

Еклектички театар

 

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Кога во епохата на модернизмот класичниот театар е деконструиран и реконцептуализиран во една бескрајна можност за пронаоѓање драмски состојби во реалноста, во таканаречениот – teatrum mundi, театарот на светот, самата смисла на традиционално конципирање на театарот, како асоцијативна или алегориска структура во рамките на прикажувачката сценска уметност, почнува да бара нови начини за опстојување или, поточно, за нова илузионистичка инкарнација на вредностите, кои останаа неисцрпени во контекстот на новото видување на делимитираноста на театарот, како еден вид творечка институција, така цврство вкоренета во човековата култура и цивилизација.

Оваа нова траекторија на движење и еволуција на театарската уметност, во голема мера произлезена од искуството на делимитираниот сценски живот, почнува да експериментира со сите можни драмски и научни исукства во конституирањето на својата нова форма на остварување на креативните идеи.

Така театарско-сценската традиција влегува во еден интересен техничко-технолошки експеримент, желба да се внесе што е можно повеќе реализам во драмската илузија, а тродимензионалната перформативна бина, да се замени со една дводимензионална претстава на безброј латерални и аудитивни содржини, чиј потенцијал полека, но сигурно, ќе се изедначува со хипнотичноста на сонот. Сонот е фикционална реалност (понекогаш и пророчка), исто како и филмот – како и уметноста во целост.

Всушност, така е и конституиран еклектичкиот театар, кој во име на новите хоризонти на сугестибилност и автентичност, што ги нуди технологијата и нејзиниот развиток, еволуира во една нова уметничка кодификација и се реинкарнира во една сосема нова креативна форма, каква што е токму филмската уметност.

Тоа е напуштање на teatrum mundi, како концепт на свеста и помнењето, и обид да се реконструира дел од овој обезграничен театарски светоглед на семожното, да се фрагментира и од деталите на ова реконфигурирање на оваа, во основа, философска идеја, да се создаде една нова наративна концепција, која навраќајќи се повторно на ритуалноста на драмската уметност, во себеси ги инкорпорира оние креативни дејности, што му претходеле на театарот, како што се литературата, музиката и сликарството.

Така, акцентите на структурните аспекти, што го создаваат театарот, станале посилни и потранспаренти.

Во таа насока, е создаден овој еклектички театар, кој веќе нема интенција само да ни ја претстави телеолошката драмска линија, туку и да нѐ освести за сите оние аспекти, што го чинат театарот одново, и одново, актуелен во културниот живот на современата цивилизација.

Всушност, самиот театар како уметност, која произлегла од древните магиски и религиски ритуали, отсекогаш била една спонатна и обезграничена естетичка лабораторија во просторот и времето, а, со тоа, и еден секогаш жив сведок на историјата и духовноста на човештвото, како заедница на свесни и словесни суштества.

Така театарската уметност, по дефиниција, е синтетичка и секогаш подразбирала комплексни стратегии за својата естетичка експликација.

Технолошкото експериментирање и напредокот, кој е постигнат на ова ниво, отсекогаш бил предмет на интерес на уметноста. Интересно е, што самите уметности, како кодифицирани и стратифицирани начини на специфично естетичко изразување, едните на другите не гледаат само како на духовни, интелектуални и емоционални ресурси, што инспририраат за имплементација и синтеза, тие,едните на другите,исто така, гледаат како и на технологии и техники, што можат да ја збогатат творечката дисциплина и разноврсност на одредениот уметнички род или гранка.

Така, на пример, една сликарска поставка од било кој музеј, што има специфична уметничко-историска вредност, во контекстот на театарот, може да биде поставена како една обична сценографија, пред која ќе се одвива драмското или филмското дејствие. Но за вештиот набљудувач, со ваквото сценско решение ќе се отвори една нова наративна структура од сосема друга естетска провиниенција, која, во суштина, иницира паралелни содржини и внесува еден далеку покомплексен уметнички светоглед во претставата, сѐ во зависност од тоа, кој колку гледа и поима. Истото важи и за музичките имплементации во драмските содржини, дури и во изборот на изведувачите на дадената аудитивна структура, што би значело – со оркестар на сцената или, пак, со музичка матрица, која би се емитирала од некој апарат за звучна репродукција. Секако, сето ова е поврзано со технологијата и, аналогно, претставува едно еклектичко решение.

Понекогаш на сцената се проектираат филмски содржини или видео клипови, сѐ во зависност од визијата и потребите на театарските творци.

И, како што во сликарството на постмодерната, фотографијата е еден важен ресурс за формирање на одредени уметнички визии, без оглед дали уметникот ги користи како база, врз која интервенира или како документација за своите ефемерни творби, така и во уметноста на театарот, технолошките придобивки стануваат значаен дел од неговите креативни стратегии и изведувачки илузионизми.

Но она што останува есенцијално за секоја уметност, па и за онаа најкомплексната, онаа, чии сигурен опстанок е во еклектичноста, е самата суштина на човековата фасцинација од сотвореното.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top