| четврток, 6 декември 2018 |

Промовиран проектот „Кокино-македонски бренд“

Проект за промоција и афирмирање на мегалитската опсерваторија Кокино, која според НАСА се наоѓа на четврто место на најстарите опсерватории во светот, најави денеска министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.

Министерката во рамки на проектот „Кокико-македонски бренд“ најави активности за доопремување и оградување на локалитетот, изградба на пристапна патека за посетителите, поставување на заштитни огради на дел од патеките, изградба на Центар за посетители во кој во иднина ќе се реализираат разновидни содржини, семинари, работилници, изложбен простор, сувенирница и ресторант.

– Кокино има големо значење од астрономски, но и од археолошки аспект, тоа е прво регистрирано планинско светилиште од бронзено доба на територија на денешна Македонија. Имајќи ги предвид овие факти. Владата на Република Македонија и Министерството за култура започнаа со реализацијата на проектот „Кокико-македонски бренд“ што ќе се одвива во 4 години, до 2018 година. Наша цел е преку овој проект да го промовираме локалитетот, да создадеме услови за негова одржливост што од друга страна ќе има и економски придобивки за државата, изјави Милевска.

Потсети дека Министерството секоја година одвојува средства за археолошки истражување во рамки на кои се откриени над 300 наоди од бронзено време, уникатни предмети со култен карактер, кои се многу ретки и говорат дека денешниот северен дел од Македонија бил составен дел од т.н. медитеранска култура што се развивала околу Егејот.

– Започнуваме и со циклус на програмски активности поврзани со локалитетот Кокино како Меѓународниот научен симпозиум кој на тема „Кокино – археолошки и астрономски аспекти – паралели и искуства“ на 24 јуни ќе се одржи во Археолошкиот музеј. Во Археолошкиот музеј ќе биде поставена и изложбата на фотографии од локалитетот Кокино видени низ објективот на  Љупчо Илиевски кој  еден од најистакнатите македонски фотографи, најави Канческа Милевска.

На 25 јуни во Музејот во Куманово свечено ќе биде отворена изложбата „Кокино – тврдина на Сонцето“ во чии рамки ќе бидат презентирани околу 150 артефакти откриени за време на археолошките истражувања на овој локалитет како керамички садови, камени алатки, но и примероци од најстарите откриени калапи за леење бронза во Македонија,  култни фигуринки и раритени метални предмети  кои се одраз на религиските верувања на праисториските жители.

– Она што е особено значајно е што некои форми од садовите и нивното декорирање се уникатни и во светски рамки, и тие ќе бидат презентирани за прв пат пред јавноста, рече Канческа Милевска.

Кон крајот на август годинава, министерката го најави и фестивалот „Тврдина на сонцето“, во рамки на кој ќе се реализираат интересни и едукативни програми, работилниците за стари занаети, астрономски предавања, патувачко кино, и концерти на  ексклузивни гости.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top