Белгиските власти подигнале обвинение против тројца белгиски државјани притворени во низата антитерористички претреси ноќта кон саботата, а обвинети се за обид за терористички напад и учество во терористичка организација, објави канцеларијата на јавниот обвинител во Брисел.
Мажите на 27, 29 и 40-годишна возраст биле меѓу дванаесетте лица приведени во претресите од изминатата ноќ. Деветте други притворени лица се испитани и пуштени на слобода.
Претресите изведени во 16 општини, вклучително и Моленбек, кварт кој дојде на лош глас откако беше откриено дека некои од извршителите на парискиот масакр од ланскиот 13-ти ноември, потекнуваат од ова бриселско имигрантско предградие.
Претходно во саботата беше објавено дека во претресите на четириесетина станови и гаражи не се откриени ниту оружа, ниту експлозиви.
Најголем дел од претресите се извршени во бриселските општини, а неколку и во северниот регион Фалндрија, како и во јужниот Валонија.
Белгиските медиуми пишуваат дека постојат сознанија за подготвени терористички напади во соседна Франција, каде што се одржува европското фудбалски првенство, како и во Белгија, на местата каде масовно се следат натпреварите од шампионатот или има голема фреквенција.
Беше објавено без посебно образложение, исто така, дека е зголемено личното обезбедување на премиерот, како и на клучните министри, меѓу кои за внатрешни и за надворешни работи, на министерот за правда, како и за членовите на нивните семејства.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.