Втора победа на „Макфест“ за младата струмичанка Александра Јанева. Овој пат победата ѝ ја донесе песната „За сто години“, од истите автори со кои пред три години како дебитант дојде до првата статуетка. Во нејзини раце замина и наградата што за многумина е поважна од првото место, признанието за вокална интерпретација „Драган Каранфиловски-Бојс“.
Дел од публиката ја запозна Александра и преку шоуто за таленти „Сите наши песни“ на Македонската радио-телевизија, на кое, исто така, беше една од победничките.
Приватно, таа е студентка на Стоматолошкиот факултет во Скопје, а слободното време обожава да го поминува со најблиските луѓе, како што вели, да се ислушаат и посоветуваат меѓусебно. Ги обожава часовите по пеење, настапите во живо и прошетките во природа.
Вели дека секојдневно работи на себе за да биде подобар вокал и пејач, а позитивната енергија е тоа што ја храни секојдневно.
Тимот што победува не се менува. Со Ристо Самарџиев и со Владимир Дојчиновски повторно го освоивте „Макфест“. Што беше различно овојпат?
Јанева: Тргнувајќи од себе, многу нешта се поразлични. 2013 беше година на дебитирање на фестивал и првично запознавање со пошироката македонска публика. По три години и тројцата веќе многу подобро се познаваме карактерно и според тоа имавме една поголема, покомплетна визија за композицијата, а воедно и за интерпретацијата. Секојдневно работам на усовршување и напредокот го гледаат и коментираат сите што будно ме следат уште од самиот почеток, така што верувам дека годинава им сервирав едно далеку посигурно и позрело издание од пред три години.
Рече дека неколку дена претходно си претчувствувала дека ќе победиш?
Јанева: На првата полуфинална вечер некако не се чувствував најдобро, тоа влијаеше и на самата интерпретација. И обично кога имам грутка во грлото, плачам, се нервирам или сум превозбудена во текот на целиот ден, а, напротив, ми се случуваат многу убави работи. Суеверие или не, ми се случило многу пати (се смее).
Колку ти значи другата награда, онаа за вокална интерпретација „Драган Каранфиловски-Бојс“?
Јанева: На интерпретацијата работам секојдневно, таа награда ми е најголемо признание како пејачка и затоа можам да кажам дека ми е најдрага. И, секако, уште повеќе ме радува тоа што публиката уште еднаш ги почувствува енергијата и емоцијата, и реагираше позитивно.
Позната си по моќните вокални настапи, но и дека најчесто баладите се твојот избор. Зошто секогаш ги избираш токму нив?
Јанева: Веројатно таква ми е бојата на гласот, песочна, малку меланхолична, погодна за доловување балади и приказните во нив. Нормално, влијание има и соул-музиката од светската сцена, но и кога ме коментираат, во очите на публиката во секое мое движење има прилив на емоции.
Ти си една од победничките и на шоуто „Сите наши ѕвезди“. Сметаш ли дека тоа беше вистинскиот начин на промоција на твојот талент?
Јанева: Од маркетиншки аспект, не сум сигурна дека беше вистинскиот затоа што многумина немаа слушнато за шоуто и ги гледаа снимките откако тоа веќе беше завршено. Но, како искуство со оркестарот на МРТВ, запознавањето и дружењето со другите натпреварувачи, беше навистина огромна предност.
Студентка си на Стоматолошкиот факултет, што те привлече да ја одбереш токму таа професија? Со која љубов ќе продолжиш понатаму, музиката или медицината?
Јанева: Од мала сакав да ги гледам и им се восхитував како ја работеа својата работа, и тоа искрено ме натера да се запишам на тој факултет. Освен музиката како најјака страна и омилено хоби, за ниедна друга работа не сум потполно одлучна, но веќе како студент на трета година сигурно си ја засакав професијата. Многу фактори играат улога, времето ќе покаже каде ќе бидам повешта.
Која е твојата најголема животна страст, покрај музиката и медицината?
Јанева: Почнав да пеам пред да научам да зборувам, на само 1 година и 2 месеци, така што немам поголема страст од музиката.
Што правиш секојдневно за да се подобриш самата себе, да бидеш подобар човек, да водиш поквалитетен живот?
Јанева: Ја негувам својата личност, се дистанцирам од негативни луѓе и негативни вибрации и се фокусирам на тоа што ми е важно и потребно во животот.
Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 197. број на неделникот „Република“, 10.06.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.