| четврток, 6 декември 2018 |

Објавена збирка раскази од аргентинскиот писател Исидоро Блајстен

„Мене никогаш не ме оставаа да зборувам“ е збирка раскази објавена во 1985 година и ги содржи најпознатите раскази на Блајстен.

„МАКЕДОНИКА литера“ од Скопје, неодамна ја објави книгата со раскази „Мене никогаш не ме оставаа да зборувам“ на познатиот аргентински писател Исидоро Блајстен, во превод од шпански јазик на Дарко Цветаноски.

Исидоро Блајстен (1933 – 2004) е аргентински раскажувач, романсиер, есеист и поет. Бил припадник на еврејската заедница што ги населувала руралните предели во провинцијата Ентре Риос во Аргентина за време на првата половина на 20-тиот век.

Роден е со презимето Блајстајн, кое подоцна го менува во Блајстен, иако понекогаш уште се потпишувал како Блајстајн. Член бил на Аргентинската академија за писменост од 2001 до неговата смрт и дописник на Кралската шпанска академија, го комбинирал занимавањето со литература со држењето маалска книжарница, откако претходно бил публицист и фотограф за деца. Соработувал со списанието „El escarabajo de oro“, како и со разни други печатени медиуми во Аргентина. Добитник е на две платинести награди „Конекс“ во категоријата за расказ, во 1994 и во 2004 година.

Негови најпознати дела се збирките раскази „Спас“ (1972), „Затворен од меланхолија“ (1982), „Мене никогаш не ме оставаа да зборувам“ (1985), збирката поезија „Се случи на дождот“ (1965) и романот „Гласови во ноќта“ (2004). Неговите дела се карактеризираат со апсурдот и суптилниот хумор проткаени во одличната употреба на разговорниот јазик.

„Мене никогаш не ме оставаа да зборувам“ е збирка раскази објавена во 1985 година и ги содржи најпознатите раскази на Блајстен, како што се „Даблин на југот“, „Среќа“, како и расказот чијшто наслов го носи самата книга. Тие се извонреден одраз на генијот и раскажувачката виртуозност на Блајстен, како и доказ за вонредниот интелект на авторот.

За оваа негова книга е кажано: „Блајстен му припаѓа на оној вид раскажувачи на апсурдот кои нѐ тераат меѓу два напада на громогласна смеа или меѓу два брана на морничавост да ги увидиме сите нијанси на животниот спектар. Чудно е да се почувствува толку среќа од читање… извонреден час по книжевност.“

– Le Nouvel Observateur „Во приказните на Блајстен е присутна верна сенка на Џонатан Свифт, Марсел Швоб, Хуан Хосе Ареола, Кортасар и Борхес. А зарем може да биде поинаку кога сите тие го обработувале апсурдот до неговите крајности и сите тие биле одлични раскажувачи – две доблести што исто така се препознаваат и кај Исидоро Блајстен“ – Винсент Батиста. Дела од Исидоро Блајстен се преведени на повеќе јазици, а оваа книга е прв превод на негово дело на македонски јазик.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top