Во среда (15 јуни) со почеток во 20 часот во галеријата на Младинскиот културен центар ќе се одржи промоцијата на најновиот роман на Томислав Османли „Бродот. Конзархија“. Kнигата ќе ја промовира академик Ферид Мухиќ, поздравната реч е на Владимир Јанковски, а извадоци од романот ќе чита Бисера Бендевска.
„Бродот. Конзархија“ е роман во кој авторот кој се обидува да ги открие својствата на новото прагматично време полно со симулакруми, со лажни стварности, кое во крајна линија и самото ќе се покаже како време на омасовени илузии и општи и лични прелаги. Дејството на романот се случува во 2039 година. Во тоа време, покрај отуѓените карактери на својата негативна утопија, Османли го открива носталгичниот човек проектиран во блиската, отуѓена и хипер-меркантилна иднина. Жанровски, романот може да се опише како антиутопија, универзално тематизирана реплика на негативно-утопискиот жанр, втемелен во романот „Ние“ на Јевгениј Замјатин, жанр кој својот врв го достигнува во „1948“ на Џорџ Орвел. Романот е лоциран во препознатливиот простор на нашиве координати и со мноштво футуристички ремарки ја гради хипотетичката слика на идното време. Колку атомизирано, испарцелизирано и отуѓено да е општествената средина која Османли ја доловува во својата нова прозна книга, неговата нарација – чии фантастички својства тука добиваат нов и технолошки израз – ни тука не е лишена ниту од карактеристичниот ироничен хумор, сега и сатира кои без анестезија удираат по сопственичките, меркантилните и алиенациски својства на идното време и единка.
Неговиот „Брод“ открива една заедница, дозаринкана во реката на времето, па трансцендирајќи ја нашата денешна позиција на прикрајокот од скаменетото море на континентална Европа, гради критички став кон историски проектираната хипокризија на клучни не само „домицилни“, ами и кон највисоките, мирски и верски институции и на „Старата дама“. Романот ја открива ентропијата што ги овладува корпоративните заедници и системи засновани на мали самосвојни, меркантилни региони и апсолутизираните вредности кои ги претставуваат пред сè финансиските, профитерски и меркантилни, не веќе и човечките солидаристички, емпатиски, финансиски безусловни филантрописки мерки…
Во време на зголемената понуда на идеолошките утопии, Томислав Османли го создава својот дистописки „Брод. Конзархија“ со кој книжевно уверливо: релјефно, фабуларно, духовито и критички запловува во својата визија на иднината на овој дел од еден футуристички свет.
Томислав Османли (1956) диломирал право на Правниот факултет во Скопје, но 38 години работи како новинар, уредник во доменот на културата и уметноста. Автор е на над дваесет книги проза, теорија, публицистика, драмски текстови, сценарија. Неговата студија „Филмот и политичкото“ (1981) е првата македонска теоретска книга посветена на Седмата уметност, првично промовирана во институтот за филм во Белград. Трудот насловен „Стрип, запис со човечки лик“ (1987, 2002), пак, е првата македонска теоретска книга посветена на Деветтата уметност. Книгата јудео-балкански раскази и новели „Светилка за Ханука“ (2008) стана лауреат на наградата „Прозни мајстори“. Романот „Дваесет и првиот“ беше прогласен за Роман на годината (2010), а потоа и изабран за македонски претставник во книжевниот натпревар за наградата „Балканика“. Негови преводи се објавени во Загреб, Цетиње, Белград и Москва, а наскоро ќе се појават преводите на арапски и бугарски јазик. По „Дваесет и првиот“ (2009) и „Зад аголот“ (2012), ова е негов трет роман. Автор е на повеќе наградувани сценарија за играни телевизиски филмови. Долгометражниот игран филм „Ангели на отпад“ (Angels of the Dumps, 1995) работен според неговото оригинално сценарио, беше прикажуван на меѓународните фестивали во Каиро, Сан Диего, Белград, Пула, Подгорица, Рим, како и на посебната, дводневна програма на Американскиот филмски институт (AFI) во Националната кино сала на Кенеди центарот во главниот град на САД. Пиесата „Двајца во Еден“ (Тwo in Eden) 1998, поставена на сцената на театарот Јоhn W. Gainse во Њупорт, Вирџинија, беше селектирана и прикажана на театарскиот Blue Ridge Festival во Ричмонд, Вирџинија, САД. Со книгата драмски текстови „Ѕвездите над Скопје“ (The Stars over Skopje), заедно со 12 други балкански книжевници, беше воведен во Литературниот годишник на „Енциклопедија Британика“ за 2001 година. Прозните текстови му се објавувани во книги и во списанија во странство на англиски, француски, српски, руски, арапски, грчки, турски, хрватски, полски, Ладино (јудео-шпански). Бил член на редакциите на списанијата: „Ideje“ (Белград), „Погледи“, „Рагледи“, „Културен живот“, како и на ПЕН списанието „Macedоnian review“. Добитник е на бројни награди во сите домени со кои се занимава. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на македонскиот ПЕН клуб.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.