Актуелниот светски шампион, репрезентацијата на Германија, со победа го започна Европското првенство во Франција, совладувајќи ја Украина со 2-0.
Украинците добро ја намачија фаворизираната Германија, но сепак изненадување немаше на крајот, пред сѐ благодарение на одличниот голман Мануел Ноер, но и на Боатенг кој спречи „сигурен гол“.
Украинските репрезентативци први се заканија, уште во шестата минута преку Коноплјанке, чиј удар со одлична интервенција го одбрани Ноер.
Германците водечкиот гол го постигнаа во 19. минута. Својот прв гол во репрезентативниот дрес го постигна дефанзивецот Шкордан Мустафи, кој одлично изреагира на центаршутот на Тони Крос од слободен удар и со глава ја затресе мрежата на украинскиот гол за 1-0.
Меѓутоа, Украинците не се обесхрабрија од примениот гол, осум минути подоцна имаа уште една сериозна шанса, но повторно Ноер феноменално реагираше и ја изби топката над пречката.
Неколку минути подоцна нова опасност на спротивната страна. Тони Крос одлично го проигра Кедира, кој се најде еден-на-еден со Пјатов, но украинскиот голман излезе победник во оваа ситуација.
Борбата се разгоруваше, во 36. минута Украинците имаа уште една стопроцентна шанса за израмнување. Одлична акција на Јармоленко и Коноплјанке, а кога веќе изгледаше дека топката оди во мрежата, Боатенг „ја симна“ од самата гол линија.
Минута подоцна Украинците ја затресоа мрежата, но сепак голот не беше признат поради офсајд.
По бурното прво полувреме, со исто темпо започна и второто. Во 52. минута Тони Крос упати силен удар, но само покрај голот.
Четири минути подоцна, Ноер повторно блескаше на спротивната страна, кога одбрани еден силен шут од слободен удар на Украинците.
Во 61. минута Кедира повторно се најде во шанса за погодок, но Пјатов уште еднаш излезе како победник.
По еден краток мирен период, живост во играта внесе нововлезениот Андреа Ширле, кој го замени Дрекслер.
Потоа и Озил ја имаше својата единствена шанса за гол на овој меч, по одличното додавање од Тони Крос неговиот шут заврши директно во голманот.
Во 90. минута од натпреварот Јоаким Лев во игра го внесе Бастијан Швајнштајгер на местото на Марио Геце. Минута подоцна, Германците повлекоа брза контра по левата страна, Озил упати одличен центаршут и токму играчот на Манчестер Јунајтед ја смести топката во десниот горен агол од мрежата за конечни 2-0.
Утре на програмата се:
Шпанија – Чешка 15:00ч.
Ирска – Шведска 18:00ч.
Белгија – Италија 21:00ч.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.