
Бараж-дуелот од квалификациите за СП беше прв натпревар на нашите репрезентативци под водство на Лино Червар, кој по поразот од Чешка потенцираше неколку важни работи околу тимската игра.
„Мислам дека добро влеговме во натпреварот, со добар пристап до 19. минута. Знаевме што сакаме до тој момент, но потоа го загубивме трпението. Иако не сме кондициски подготвени, влеговме непотребно во нивниот брз ритам“, изјави Червар.
„Имам чувство дека мислиме дека сме подобри, од тоа што реално сме. И на овој дуел немавме трпение. Мораме да бидеме поколективни. Тимот е поголем од секој поединец. Тоа е единствениот пат до победата. Ова не е демагогија. Треба сите лични амбиции да ги подредиме на колективот“, дополни Червар.
Червар е оптимист за реваншот во Скопје, кој ќе се одигра во среда во СЦ „Борис Трајковски“. Тој верува дека може да се победи со повеќе од шест гола разлика за пласман на големиот ракометен собир.
„Како што Чесите славеа на нивни терен, така ние можеме во Скопје. Но, за тоа треба сите да бидеме во функција на колективот“, потенцираше Червар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


