Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје со големо задоволство ја најавува промоцијата на првиот роман на Елена Конеска, Еднаш одигравме љубов, која ќе се одржи на 7 јуни 2016 година во кафулето „Децата од нашата улица“, со почеток во 20 часот. Промотори на делото ќе бидат Елена Стојановска и Марина Мијаковска.
Триесетгодишна жена решава да промени нешто во својот професионален живот почнувајќи нова работа. На своето прво службено патување и прва работна задача, која очекува беспрекорно да ја исполни, запознава млад португалски писател во кого се вљубува и со кого почнува „електронска љубовна врска на далечина“. Кратката романса, вљубувањето, очекувањето и разочарувањето што неминовно следуваат се патот на созревањето и на спознавањето на сопствените желби. Романот ги следи емоционалниот развој на младата жена во современиот свет и љубовните болки и страдања како основа на тоа созревање. Погледите за неминовноста на љубовта и страдањата дадени само од женска перспектива, проткаени со низа емоции и раскажани речиси онака како што се доживеани, даваат автентична и реална слика на целиот роман.
„Стилот на Еднаш одигравме љубов од Елена Конеска е едноставен како дишењето; здивот пулсира и се забрзува со редењето и со слевањето на речениците една во друга, ситуациите се движат забрзано една кон друга, па сè до крајот. Романот е извонредно дело со цврста композиција, течна нарација и лесен стил на изразување на прозните ситуации во прозни слики“, се вели во рецензијата на писателката Марина Мијаковска кон книгата.
Книгата е објавена со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.
Елена Конеска е родена на 9 мај 1980 година во Прилеп. Основно и средно образование завршува во родниот град, а студиите по германски јазик и книжевност ги завршува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје во 2002 година. Во 2009 година магистрира на истиот факултет со трудот на тема „Интерпретација на телото и телесното во романите на Елфриде Јелинек“. Како постдипломец престојува на краток студиски престој на универзитетот „Карлс Рупрехт“ во Хајделберг, СР Германија. Од германски на македонски јазик ги превела следните дела: Приказната за Вилхелм Тел, Види кој се врати, Зар плачеше? и Добриот љубовник. РоманотЕднаш одигравме љубов е нејзиното дебитантско книжевно дело.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.