Доаѓањето на Жозе Мурињо во Манчестер јунајтед, по сѐ изгледа, ќе биде кобно за Хуан Мата, кој не е во најдобри односи со контроверзниот стратег уште од заедничката соработка во Челси, и речиси сигурно ќе го напушти „Олд трафорд“.
Несогласувањата меѓу Мурињо и Мата се уште од времето додека двајцата работеа заедно во Челси, а Шпанецот својата кариера би можел да ја продолжи во Вест хем. Тимот на Славен Билиќ беше вистинско изненадување изминатата сезона во Премиер-лигата и тој смета дека Мата совршено би се вклопил во формацијата на неговиот тим.
Сопственикот на Вест хем, Дејвид Голд, пред еден месец порача дека неговиот клуб следната сезона ќе се бори за титулата во англиското првенство, и Мата би можел да биде одлично засилување за остварување на таква цел. Веќе е подготвена понуда од 25 милиони фунти за Шпанецот, кому ќе му биде гарантиран и првотимски статус, но плановите би можела да ги замрси Барселона доколку Каталонците ги реализираат најавите и тргнат во офанзива да го вратат Мата во Примера дивизион.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.