Српскиот тенсиер Новак Ѓоковиќ ја комплетира колекцијата и конечно го освои првиот пехар на грен-слем турнирот Ролан Гарос кој се игра во Париз.
Ѓоковиќ конечно успеа да стигне до трофејот на Ролан Гарос, единствениот кој му недостасуваше во неговата извонредна кариера, откако славеше во финалната пресметка против Енди Мареј со 3-1 (3-6,6-1,6-2,6-4) во сетови.
Од друга страна, Енди Мареј во своето десетто Гренслем финале не успеа да дојде до третиот трофеј, по оние на УС Опен и на Вимблдон.
Српскиот ас натпреварот го отвори лошо и му дозволи на Мареј да го добие првиот сет, но затоа, одигра фуриозен втор и трет сет за сигурен пресврт. Во решавачкиот четврти сет Ѓоковиќ направи брејкови за 1-0 и 5-2, но Мареј врати брејк и намали на 5-3, арно ама првиот светски рекет не дозволи сензација и на свој сервис го реши натпреварот.
Новак Ѓоковиќ досега на Ролан Гарос имаше загубено три финалиња (2012, 2014 и 2015), но четвртата среќа – му се насмевна. Трофејот во рацете на Ноле доаѓа како наследство од Станислас Вавринка, ланскиот првак кој оваа година доживеа елиминација во полуфиналето. За Мареј, пак, ова беше прво финале во историјата на Ролан Гарос.
Со овој трофеј на Ролан Гарос Србинот сега има 12 титули на гренслем турнирите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.