Првиот потпретседател на хрватската Влада и лидер на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Томислав Карамарко изјави попладнево дека Главниот одбор на партијата се одлучил за составување „ново квалитетно мнозинство“. Карамарко ја отфрли можноста за понатамошна соработка со МОСТ и со нивниот лидер Божо Петров, наведувајќи дека и доволно од тој „рингишпил“, пренесува Хина.
– Имаме предиспозиции да влеземе во нова прераспределба. Целта е новото мнозинство да биде квалитетно, бидејќи ова веќе не смее да се повтори, рече Карамарко.
Тој истакна дека на состанокот на Претседателството на партијата се разговарало и за можноста тој да даде оставка, но било заклучено тоа да не се прави, бидејќи и досега ХДЗ направил премногу отстапки.Карамарко потенцираше дека ХДЗ останува на ставот дека премиерот Тихомир Орешковиќ веќе ја нема довербата на ХДЗ, но при тоа не прецизираше на кој начин се планира тој да биде отстранет од функцијата.
Од друга страна, Петров попладнево изјави дека Хрватска денес е во подредена ситуација само поради една личност – Томислав Карамарко.Петров оцени дека Карамарко претставува товар и сноси политичка одговорност. Тој ја повика ХДЗ, „партијата која во своето име го содржи зборот демократска“, да покаже дека навистина е демократска, „а не фараонска партија во која само една личност одлучува што ќе се случи со државата“.
– Навистина се надевам дека во таа партија го знаат терминот политичка одговорност, изјави Петров во кусата изјава за медиумите.
За можноста за прераспределба во Саборот, за која Карамарко зборуваше, Петров рече дека и доколку ХДЗ би сакал такво нешто со МОСТ, МОСТ никогаш не би се согласил. Тој порача дека секому на совест ќе оди ако се обиде Карамарко да го спаси на тој начин.
Вчера, премиерот Орешковиќ ги повика Карамарко и неговиот коалициски партнер Божо Петров од „МОСТ“ да поднесат оставка за Владата да може да продолжи да работи без пречки.
Петров веднаш реагираше и соопшти дека одбива да поднесе оставка, но дополни дека и на тоа е подготвен доколку со тој чекор се стабилизира Хрватска.
Карамарко на вонредната прес-конференција соопшти дека ХДЗ веќе нема доверба во Орешковиќ.
– Премиерот веќе не ја ужива нашата доверба. Ние никого нема да влечеме за ракав. Што се однесува на нас, следуваат нови избори или реконструкција на Влада, но без МОСТ, истакна вчера Карамарко.
Орешковиќ ги повика неговите заменици Томислав Карамарко и Божо Петров, кои беа вмешани во политички спор, да поднесат оставка со цел хрватската Влада да може да продолжи напред со клучните економски реформи.
Наводниот судир на интереси во кој учествува Томислав Карамарко, лидерот на ХДЗ ја доведе речиси до пропаѓање четиримесечната Влада. Божо Петров, лидерот на МОСТ, малата реформистичка партија во коалицијата, настојува Карамарко да даде оставка.
– Односите меѓу Карамарко и Петров станаа преголем товар за Владата. Ете затоа ги повикувам да се повлечат, со што Владата ќе може да продолжи да работи на реформите, за кои веќе постигнавме резултати, истакна Орешковиќ.
Бизнисменот Орешковиќ, како непартиска и стручна личност, беше избран за премиер на Хрватска, како заеднички кандидат на МОСТ и ХДЗ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.