По 24 години во скопската зоолошка градина ќе пристигне слон. Живеалиштето се гради со полна пареа. Се прави комфорен дом за два слона, но се мисли и на дел за нивни иден потомок. Јорданчо Милошевски, директор на зоолошката градина, ни соопшти дека се во тек преговорите за два слона, но сѐ уште не е склучен договор.
– Зоолошката градина Скопје имала слон во збирката животни, и тоа индиска слоница по име Анка, која живеела од 1964 до 1992 година. По 24 години, до крајот на оваа година или на почетокот на наредната, повторно ќе имаме слон – изјави Милошевски.
Проектираното живеалиште за слонот, кое во моментов е во изградба, се состои од внатрешен и од надворешен дел. Се наоѓа на местото на старото живеалиште на јаковите, биковите и ноевите.
Надворешното живеалиште, како примарно, ја пресликува природната околина на слонот, при што ќе се обрне внимание на подлогата, водните простори, елементите за декорација и анимација на слонот и целото е обвиено со зеленило.
– За да се чувствува заштитен слонот, овој пат силен акцент ставивме на хортикултурното уредување, кое му овозможува да има приватност. Идејата беше слонот да може да се набљудува само од прецизирани точки, кои отвораат различни агли од живеалиштето. Внатрешното живеалиште ги задоволува потребите за нега на слонот и заштита од студените временски услови – изјави Ивана Костовска, архитектката што го проектира домот на слонот.
Внатрешното живеалиште е составено од дел за набљудување, дел за предвојување каде што слонот се храни и спие, дел за посетители и дел за негуватели. Поради посебниот начин на нега, планирани се специјални прегради меѓу делот за негуватели и делот за предвојување, каде што се чистат ушите на слонот и се одржуваат ноктите.
Целата сторија на „Утрински весник“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.