| четврток, 6 декември 2018 |

Ниту „шарените“ не се над законот

 

Ненад Мирчевски

Ненад Мирчевски

 

Колку што поотворено се покажуваат СДСМ и Сорос како организатори и спонзори на „шарената револуција“, толку е посилен отпорот и револтот кон оваа група платеници и хулигани кај обичното граѓанство. Впрочем, сите досегашни потези на опозицијата во врска со „шарената револуција“ имаа ужасно слаб „револуционерен“ одек меѓу луѓето, а тоа, пак, предизвикуваше константен излив на гнев кон „непревоспитаните“ од страна на шизофреничниот револуционерен штаб од каде, пак, сега се најавуваат нови „порадикални чекори“.

По запленувањето на возилото (сопственост на СДСМ) и приведувањето на возачот (вработен во СДСМ), Соросовите платеници преку своите медиуми се обидоа да го релативизираат настанот потсмевајќи се на запленетите канти со боја и на другите реквизити што се користат за оштетување на објектите и на спомениците. Нивниот циничен пристап кон случајот не може да го прикрие овој силен доказ дека таканаречената револуцијата воопшто не е граѓанска, а уште помалку е спонтана. Напротив, овој случај покажува дека станува збор за добро организирано, но лошо реализирано сценарио од страна на дел од членството на СДСМ, платениците на Сорос од невладиниот сектор и од опозициските медиуми, како и странски фактори (КАНВАС, третокласни дипломати, странски активисти…). Сите овие ја гледаат улицата како единствено решение за насилно преземање на власта, со намера да ја заобиколат волјата на народот и да си ги задоволат своите ниски страсти и личните интереси, сето тоа на сметка на интересите на граѓаните и на државата.

На Заев и на неговата криминална банда им е јасно дека оваа опозиција, со вакво раководство нема теоретски шанси ниту да ја врати довербата кај народот, ниту да го превоспита. Соочени со реалноста, очајнички го најавуваат „завршниот удар“ со некаква „протестна ерупција“ проследена со „големи изненадувања“. Но, СДСМ и Заев веќе не можат да приредат никакво изненадување. Сите нивни потези се толку проѕирни и очекувани, што од нив не може да се надеваме да видиме ништо друго освен увезени и веќе видени форми на насилства и на деструкција, кои водат само кон продлабочување на кризата. Вистинско изненадување би било, да речеме, ако Заев побара повлекување на аболицијата за „Глобал“ или, пак, да предложи конкретен датум за избори. Но, никој не очекува таков гест од Заев.

Тоа што реално може да го видиме, е ерупција од провокации упатени кон полицијата и кон случајните минувачи сѐ со цел да се испровоцира нивна реакција, која би резултирала со инциденти, кои, пак, подоцна би се искористиле за оправдување пред меѓународната заедница на нивните веќе подготвени сценарија за насилства.

Да не забораваме дека во само една недела, освен што СДСМ се откри како главен логистичар на хулиганите, своето дејствување во Македонија го потврди и контроверзната КАНВАС, организација што во некои земји се третира како терористичка. Кога на сето ова ќе се додаде аферата „Платеничка револуција“, која откри фрапантни шест милиони евра, пари за плати, хонорари и за надомест од Сорос за неколку стотини најгласни револуционери, не е тешко да претпоставиме што сѐ може да очекуваме од оваа структура. Тоа што е непознато е до кога институциите ќе го толерираат вандализмот на една мала група платеници и насилници? Кукањето за „полициски притисоци“ и „постојано приведување демонстранти“ не е ништо друго, освен патетично и безобразно подбивање со органите на редот и на законите во државата, ако се земе предвид беспрекорната толерантност на полицијата, која со недели немо ги следи хулиганските испади на дел од демонстрантите.

Од друга страна, ако уништувањето објекти, сквернавењето споменици, поткопувањето на економијата, загрозувањето на безбедноста на државата и на граѓаните е дозволиво и оправдано, ако Уставот е заменет со законите на улицата, ако веќе нема кој во државата да ги гарантира основните човекови права, тогаш сите други имаат еднакво право да излезат на улица и да го изразат својот револт. Токму затоа сега се на потег институциите, кои треба да покажат дека законите важат за сите еднакво.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top