Пет земји од екс Југославија учествуваат на овогодинешното СП во ракомет во Шпанија. Тоа се Македонија, Србија, Словенија, Хрватска и Црна Гора.
Македонскиот ракометен клуб „Металург“ направи статистика на учинокот на петте поранешни југословенски земји:
Хрватска покажа најмногу на натпреварите од групната фаза. Го освои првото место во групата Д, со пет победи против силни репрезентации, какви што се Шпанија и Унгарија, солидните Египет и Алжир и аутсајдерот Австралија. Сега ја чека долг пат, на кој ќе ѝ се испречат Франција, Данска…
Словенија исто така дојде до пет победи во групата Ц. Ги совлада селекциите на Полска, Србија, Белорусија, С.Арабија и на Ј.Кореја. Нејзиниот понатамошен распоред е полесен од оној на хрватската репрезентација. Ако во осминафиналниот натпревар го совлада тимот на Египет, во четврт-финалето ќе игра со победникот од мечот Бразил – Русија, а ако ја помине и таа пречка, во полуфиналето ќе се соочи со Шпанија.
Србија добро го почна првенството, со три победи против С.Арабија, Ј.Кореја и против Белорусија, но се сопна на двете посериозни средби, против Полска и Словенија. Казната ќе стигне веќе во осминафиналето, каде што ги чека Шпанија.
Македонија го почна првенството со неубедлива игра и победи против најслабите, Чиле и Катар, но заигра подобро против најдобрите – Исланд, Русија и Данска. Иако имаме половичен успех од две победи, два пораза и една нерешена средба, општиот впечаток е дека играме сѐ подобро. Во понатамошната фаза од првенството ќе треба да ја минеме Германија за во четврт-финалето да се соочиме со домаќинот, Шпанија.
Црна Гора е најголемото разочарување на СП. Од четата на Младен Ракчевиќ, која ја уништи Шведска во баражот за учество на СП, се очекуваше многу повеќе. За жал, црногорската јавност, разгалена од успесите на женската репрезентација и екипата на Будуќност, виде само пет порази на средбите против Германија, Франција, Бразил, Тунис и Аргентина. Иако играше во многу силна група, сепак Црна Гора е единствената европска селекција што не учествува во нокаут-фазата. Сега ја чека средбата против Чиле, а потоа и победникот од средбата Ј. Кореја – Австралија. Награда за сето тоа ќе биде 21. место во конечната табела.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


