Неполни 48 часа откако Енди Мареј прв проговори за опасноста што ќе ги демне спортистите наречена вирус зика, на истата тема проговорија и првите светски рекети во машка и во женска конкуренција, Новак Ѓоковиќ и Серена Вилијамс. Нивниот став е идентичен како тој на Британецот, признавајќи дека кај спортистите постои страв од болеста откако група од 150 медицински експерти предупреди дека може да дојде до дополнително ширење на вирусот за време на Олимписките игри.
– Слушнав за ставот на научниците, кои тврдат дека самото доаѓање во Рио де Жанеиро би презеле огромен ризик. Потребни се дополнителни информации, но нормално е како луѓе да стравуваме за нашето здравје. Токму здравјето е она најважното, не само за нас како спортисти туку и за фановите. Ќе ја следам ситуацијата во следниот период пред да донесам конкретна одлука на оваа тема – порача Серена Вилијамс.
Сличен е и ставот на Новак Ѓоковиќ, кој е свесен дека без оглед на сериозноста на ситуацијата неверојатно е да се помисли дека Олимписките игри можат да бидат откажани.
– Да се откажат или одложат Олимписките игри едноставно не е опција. Признавам дека сум загрижен поради Зика и најавите за ширење на вирусот. Мој став во моментов е да играм во Рио, но ќе видиме што ќе се случува во следниот период, доколку состојбата се влоши тогаш добро ќе размислам – истакна најдобриот светски тенисер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.