Денес секој се смета за бренд, а секоја компанија што нуди и продава нешто кажува дека продава бренд, но дали, всушност, знаеме што е тоа бренд. Ова е дел од воведот на книгата „Вселена на брендови“ од авторот Сотир Костов, кој неодамна го промовираше „Бренд концепт“. Проектот го сочинуваат „Толковник за брендинг, адвертајзинг и пи-ар“, „Бренд концепти“, „Брендинг“, „360 степени холистички брендинг“, и „Вселена на брендови“. Авторот вели дека доколку сакаме да бидеме успешни како дома, така и на светскиот пазар мора да работиме на тоа да создаваме брендови во меѓународни размери. Промоторите се согласија дека ова е историско и пионерско дело во областа на брендингот, односно во науката која се занимава со оваа област.
Што содржи проектот „Бренд концепт“?
КОСТОВ: Проектот „Бренд концепт“ во суштина е нов начин на работење и настапување во менаџментот, маркетингот и најконкретно во брендингот. Овој проект претставува 11 години истражување, анализи, елаборации, проверени теории, испитани методи и позитивни практики од брендингот. Тоа е симпатична приказна за брендовите, кои го исполнуваат нашето секојдневие и го создаваат нашиот стил на живот. Повеќе стотици страници сместени во корици на еден „Толковник“ (за брендинг, адвертајзинг и Пи-АР) и четири книги („Бренд-концепти“, „БРЕНДинг“, „360º холистички брендинг’ и „Вселена на брендови“). Тоа е само првиот дел од проектот, кој е надограден со убавините на уметноста и креативноста на дизајнот. Станува збор за уметнички дела – техника – акрил на платно, Бренд концепт е лого на рачно изработена хартија, Бренд концепт е движење на уметници и сликари, претворени во најубави имиња и највпечатливи форми. Тоа се делата, сликите и цртежите на сликарите Владимир Темков, Ива Јосифова, сликар и експерт за рачно изработена хартија, Кире Алексиев, уметник-аматер, Гордан Стојановски, уметник. Бренд концепт е и Македонска графика од 60-тите години од 20 век. Тоа се најубавите графики на Драгутин – Гуте Аврамовски, Љубомир Белогаски, Иван – Ванчо Ѓорѓиев, Мазев Петар, Љубодраг – Пенкин Маринковски, и други. Тоа се 24 графики со непроценлива вредност и неопислива убавина. Бренд концепт се и магичните дизајни на наведените книги. Тоа се дизајнерската алхемија на Дамјан Јовановски, Горан Јованов, Илија Лелов – Били, на Студио „Адверта CS“. На крај, бренд концепт е и магијата на 3Д анимациите создадена од извонредната Тања Хиљадникова.
Што е добар и успешен бренд?
КОСТОВ: Добар и успешен бренд е нешто што има своја вредност и препознатливост во секој временски и просторен пресек. Тоа е код кој ги отсликува успешниот бизнис, добрите производи, квалитетните услуги, извонредните организации, посебните личности, посетуваните дестинации и слично. Успешен бренд е бренд кој мотивира, поттикнува и придвижува на акција, предизвикува емоции и асоцијации, и секако креира доверба. Значи, брендот не е обичен и апстрактен маркетинг-концепт што вклучува само име, лого, слоган и дизајн. Брендот е многу повеќе од тоа. Бренд е разлика помеѓу обичен автомобил и мерцедес, помеѓу обичен часовник и „ролекс“, помеѓу „Битлси“ и некоја лева рок-група, помеѓу Мадона и некоја шеста поп пејачка од Бугарија, помеѓу филџан обично кафе и филџан „старбакс“ кафе. Таа разлика помеѓу обичното и посебното или диференцираноста/различноста помеѓу „мерцедес“, „ролекс“, „Битлси“, Мадона и „старбакс“ и останатите, се нарекува бренд.
Дали секоја бренд-идеја е проследена со автентична приказна?
КОСТОВ: Да, секоја бренд-идеја, но, успешна бренд-идеја, има своја бренд приказна. Да не заборавиме дека уште Платон рекол дека позади секоја појава со која се среќаваме во нашите животи се наоѓа идеја. Од друга страна знаеме дека ние луѓето сме вљубени во идеи, проекти и концепти. Кога ќе им се придружиме, добиваме креативна слобода да раскажуваме приказни за нив. Така се родени идејата за извонредната изведба, за припадноста кон спортот, натпреварувачкиот дух и победата. Тоа е идејата за „Најки“. Слично е и со идејата за обединетите бои на светот – идејата за брендот „Бенетон“. Тука е и идејата за креативна посебност, дизајн и артизам, вообличена во познатата и популарна „Апсолут“ вотка. Да не ги заборавиме забавната идеја која ‘„дава крилја’’ – идејата за „Ред бул“, „Вирџин“, како идеја што освојува со срце, и идеја која е спротивставена на естаблишментот и конвенционалноста и идејата за поврзување на луѓе – „Нокиа“. Сите овие идеи се раскажани на прекрасен начин, на начин што привлекува – со бренд приказни. Тие приказни не се ништо друго туку суштината на брендот, испишаниот манифест, претставената платформа.
Што е брендот за една компанија?
КОСТОВ: Брендот за една компанија, а и воопшто, е додадената вредност, добиена со брендирањето, искажано со јазикот на вредносниот систем, но и јазикот на економијата, на финансиите, на пазарот. Инаку, во тој процес на брендирање, метафорично кажано, брендот е резултат на работење на микроскопи и телескопи. Со микроскопите се истражува (пазар, публика, конкуренција), а со телескопите се предвидуваат идните насоки на однесување, трендовите, стиловите на живот. Основна и најважна работа е да се создаде значење, да се креира производ и да се понуди услуга, што животот го прават поубав, повесел, посреќен и повреден.
Проектот содржи толковник, адвертајзинг, бренд-концепти и холистички брендинг. Што е холистички брендинг?
КОСТОВ: Да, проектот содржи, еден толковник и четири книги. Една од нив е и книгата „360º холистички брендинг“. Во оваа книга се обидов да ви го претставам и објаснам брендингот како современ холистички феномен. Тоа е брендинг кој вели дека ‘’Се е важно!’’ во процесот на создавање успешни и моќни брендови. Инаку, „360° холистички брендинг“ е книга за победници. Книга која ви дава знаење и ве учи на умешности, од областа на брендингот, кои се клуч за успех на поединци, организации и цели заедници (градови, региони и држави). Книгата ви го покажува патот по кој треба да одите и насоката според која треба да се движете во процесот наречен брендинг. Така, „360° брендинг“ е целосен систем за холистички брендинг. Во тој систем секој конкретен аспект на брендирањето мора најпрвин да биде целосно осмислен и разработен, а потоа усогласен со останатите аспекти и чинители. Брендовите се моќни не само затоа што имаат моќ во делот на секундата да сугерираат широк спектар атрактивни вредности и квалитети кои ги поседува производот или услугата, туку и затоа што ни помагаат да направиме вистински избор.
Има ли Македонија национален бренд?
КОСТОВ: Македонија има многу брендови. Тие се големи и мали; успешни и помалку успешни; најповеќе домашни, нешто помалку регионални, а има и со меѓународен карактер, а мислам и таа самата со своето древно име Македонија, културата, историјата, уметноста, природните убавини, и народот со топла душа и отворено срце, и самата е бренд. Можеби малку повеќе треба да поработи на маркетингот и на пласирањето на сите овие вредности на светскиот пазар. Тука пред се мислам на брендирањето и заштитата на македонскиот рубин, охридскиот бисер, вината, пиперката, патлиџанот, оризот, пастмката, Охрид, Крушево, Галичник, тешкото, и многу други. Треба малку подобра брендинг стратегија за истакнување на нашите национални вредности кои несомнено ги имаме.
На промоцијата најавивте дека подготвувате бренд-енциклопедија. Може ли да ни кажете нешто повеќе за тоа? Што ќе содржи енциклопедијата и кога ќе излезе во печат?
КОСТОВ: Тоа е следниот проект, кој е продолжеток на „Бренд концепт“. Раскажување и промовирање на 20 успешни бренд приказни од Македонија. Тоа се бренд приказните за Скопскиот џез Фестивал и Оливер Белопета, за Симон Трпчевски, Тоше Проески, Мањифико, Есма Реџепова, „Алкалоид“, Шабан Трстена, Шабан Сеидиу, Влатко Стефановски и „Леб и сол“ и засега толку. Повеќе на крајот од годината, или почетокот на следната кога проектот ќе го промовираме.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.