„Соновите не заспиваат“ е насловот на документарниот филм посветен на македонската поетеса Даница Ручигај (1934 – 1963) кој премиерно ќе биде прикажан во Друштвото на писателите на Македонија на 25 мај во 12 часот. Автор на филмот е Катица Трајковска Абјаниќ, а режисер Мишо Рогановиќ.
Во филмот „Соновите не заспиваат“, реализиран во продукција на Македонската радио-телевизија, за животот и поетското творештво на Даница Ручигај зборуваат десетина автори, професори, книжевни критичари и нејзини современици кои лично ја познавале.
Даница Ручигај е автор на стихозбирките „Сребрени ноќни игри“ и „Заробеници на ветрот“, од кои втората е објавена постхумно. Поетесата трагично загина, на 29-годишна возраст, во скопскиот земјотрес на 26 јули 1963 година.
Филмот „Соновите не заспиваат“ ќе биде прикажан на свеченоста во ДПМ по повод врачувањето на наградата „Даница Ручигај“ за најдобра стихозбирка од поетеса, членка на македонската писателска асоцијација. Актуелна добитничка на ова признание е Љерка Тот Наумова за стихозбирката „Зародиш на повикување“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.