| четврток, 6 декември 2018 |

Тарчуловски: Ќе напишам книга

Веќе десетина дена е недостапен за јавноста зошто, како што вели, сака кол­ку што може повеќе време да поминува со семејството. Додека ја отслужуваше зат­вор­ска­та казна, неговата ќерка Мелани, која немаше ни 40 дена кога го уапсија, ве­ќе тргна во школо, а синот Младен се роди додека ја отслужуваше казната. По­ми­наа осум години, а тој не можеше да биде во ниеден важен дел од нивниот живот. За­тоа, за „Вест“ вели, максимално е подготвен за сите нивни желби, а нивните испружени рачиња го прават најсреќен на целиот свет.


Јохан Тарчуловски е единствениот од Македонија кого Судот во Хаг го осуди за воено злосторство во текот на воениот конфликт во 2001 година. Тој доби казна од 12 години, но одлежа 8, откако на 8-ми април годинава Судот му скрати една третина од казната.

Тарчуловски последните години казната ја издржуваше во Германија, откако од Хаг беше пренесен по правосилноста на пресудата. Тој издржуваше казна затвор за полициската акција во Љуботен и беше осуден дека ликвидирал цивили од селото.

За истиот предмет одговараше и ексминистерот Бошкоски, но тој беше ослободен од обвинението. Тарчуловски беше приведен во 2005 година, од кога му течеше и одлежувањето на казната.

Јохан Тарчуловски, ексклузивно за „Вест”, реши јавно да про­го­во­ри за емоциите сега и за тешките моменти…

„Осум години сето тоа што ми го кажуваше Соња, само го замислував. Затоа засега не можам да се нагледам на се’. Затоа сега не можам да им се изнагушкам. А Соња ја оставам малку да се одмори. Се договоривме јас да бидам со децата. Се’ што треба, јас да правам… Не се делам јас од нив, ниту тие од мене, ниту од мојата Соња. Сега сме како едно“, вели Јохан.

На прашањето како му минуваа деновите во затвор, Јохан одговара: „Деновите во затвор, навистина се многу тешки. Јас утехата и трпението ги пронајдов и изградив во читањето на Библијата. Учев странски јазици. Изработував предмети од глина, кои потоа им ги праќав на блиските. Беше дозволено да играме фудбал во затворот. Но, најбитното од се’ што правев таму се молитвите кон Бога“.

Запрашан за тоа кои се неговите планови и како ја гледа својата иднина, Јохан вели дека сега му е најважно да биде со семејството и дека се труди со нив да биде што е можно повеќе време. „Мелани и Младен не ме испуштаат, за што сум пресреќен и се чувствувам како во сон, од кој не би сакал да се разбудам. Сакам ова чувство уште малку да потрае, па ќе видиме за понатаму“, додава Јохан во интервјуто за „Вест“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top