Откако доцна синоќа Управниот одбор на РФМ на чело со претседателот Живко Мукаетов ја потврди информацијата дека Лино Червар е избран за нов селектор на сениорската репрезентација на Македонија, тој го имаше првото обраќање кон јавноста. Излезе со подготвена програма и говор на македонски јазик и со долгорочни и краткорочни цела за работа, не само со сениорската, туку со сите возрасни селекции.
– Зошто одлучив да ја преземам репрезентацијата на Македонија во најлошиот момент, кога најголемиот сон Рио не се оствари. Сакам дури сега, кога е најтешко, да помогнам заедно со РФМ, со играчите, со сите оние во чие срце е ракометот, да ја продолжиме македонската ракометна приказна и на следните големи натпреварувања кои се пред нас, како СП 2017 во Франција и ЕП 2018 во Хрватска. Паралелно со тие цели, мораме заеднички да работиме на натамошно развивање на македонскиот ракомет. Да се води репрезентација е многу поразлично од водење на клуб. Да ја водиш репрезентацијата на една држава е голема чест, но и одговорност, бидејќи ракометот ја претставува и државата Македонија. Исто така да играш за репрезентацијата, за својата татковина, претставува најголем спортски успех и признание, пред сите спортски успеси – вели новиот селектор на Македонија.
Тој потенцираше дека ќе бара дисциплина од страна на репрезентативците, кои ќе треба целосно да се стават во служна на националната селекција.
– Кој сака да игра во репрезентацијата, вратите му се отворени. Но тие треба да знаат дека во моментот кога ќе дојдат, ќе се стават во интерес на националниот тим. Пред нас е баражот, најголем противник ни е времето. Јас верувам во работа, а ќе нема време за напорна работа. Знаете како е, селекцијата доживеа шок во Гдањск, но верувам дека со помош на играчите ќе одговориме на предизвикот. Ако се пласираме на СП, тоа ќе биде друга приказна бидејќи ќе имаме сосема доволно време да се подготвиме и сосема добро да ја претставиме Македонија на мундијалот во Франција – истакна Червар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.