Шпанскиот главен град Мадрид троши милиони евра за да ги прошири постојните паркови и што повеќе покриви и ѕидови да бидат покриени со зеленило.
Властите решија 22 неизградени парцели во градот да бидат претворени во урбани градини, а асфалтираните површини да станат паркови за искористување на дождовницата. На местот покрај реката што тече низ градот, каде што до 2013 година минуваше автопат, се создаваат зелени коридори вредни над 4,3 милиони долари.
Со оглед на тоа дека градот забрани сообраќај во центарот, властите размислуваат некои од улиците да ги претворат во паркови.
Сето тоа е дел од поголемиот план кој треба да помогне за прилагодување на се поголемите предизвици со кои градот се соочува поради климатските промени: неверојатно топли денови, тешки суши, а кога врне дожд, големи поплави.
– Идејата е со време овие интервенции да се зголемат и да работат заедно со се поголеми шеми и проекти за климатските промени, па на тој начин да се изгради витална отпорност на климатските промени, на поголемо ниво од градското – вели Том Армор, директор на фирма која се бави со дизајн и градежништво и која со Мадрид работи на наоѓање на начини на интеграција на природата и изградбата на градот.
Во Мадрид е многу топло преку лето, но станува уште потопло. Во текот на жешкиот бран во 2015 година, температурата од 40 степени ги проби сите забележани рекорди за јуни и јули. Жешкиот бран кој знаеше да се случи еднаш во 20 години, сега се случува на секои пет години. До 2050 година ќе бидат 20 отсто невообичаено топли денови лето и ќе врне 20 отсто помалку.
Сите планирани промени во уредувањето на градот можат да помогнат. Садењето на покривни градини и вертикални градини по фасадите, помага за изолација на зградите за зачувување на енергијата и за редуцирање на уличната врева. Намалување на температурите на микролокации се постигнува и со садење на тревници на патиштата и со испарувањето на водата.
Со пилот проектот со кој во некои квартови во Мадрид се вршеше садење на покрвни градини, температурата се спушти за повеќе од четири степени. Замената на тревните површини со садење на растенија кои можат да впиваат и да ја задржат водата, може да му помогне на градот да се справи со зачестените дождови.
– Презентираните подобрувања се практични и ефективни и можат да се применат секаде по градот и на многу други локации – тврди Армор.
Додавањето на вегетација може да помогне кај решавање на проблемите со смогот. Во Мадрид, еден од најзагадените градови во Европа, делумно е забранет сообраќајот и јавниот превоз е бесплатен во најзагадените денови, а возењето на дизел возилата ќе биде забрането во центарот на градот до 2020 година.
Растенијата можат да помогнат бидејќи ја намалуваат температурата и го намалуваат загадувањето на озонот. Во 2015 година студијата сугерира дека садењето на стебла во градовите ќе биде ефективен начин на борба против загадувањето.
– Тоа што се случува во Мадрид, треба да се случува секаде – вели Армор.
– Промените треба да бидат усвоени со оглед на специфичните потреби на секој град и микроклима, но многу решенија се универзални. Моментните истражувања покажуваат дека решенијата на база на интервенции со растенија како овие, можат да резултираат со поголеми бенефиции по здравјето, економијата, општеството и природата и многу често можат да бидат поефикасни и поефтини решенија од што тоа го нуди традиционалниот пристап – додава тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.