Официјалчен Мадрид нема да разговара за независност на Каталонија. Напротив, членот 155 од Уставот веќе е покренат, оформено е тело кое треба да го надгледува воведувањето директна управа над бунтовниот регион.
Нема дискусија за евентуална независност на Каталонија. Централната власт целосно ќе го спроведе членот 155 од Уставот, кој дозволува суспензија на автономијата на одреден регион и воведување на директна управа од Мадрид. Токму затоа, Сенатот веќе состави комисија од 27 сенатори, чија задача ќе биде надзор на шпанската Влада, додека спроведува директна управа над бунтовниот регион, како и да го информира каталонскиот премиер, Карлес Пуџдемон за своите планови, но и да го повика на сослушување. Премиерот Рахој и денеска потврди дека механизмот е покренат и нема враќање, но го повика Пуџдемон да ги решат проблемите на начин, кој нема да предвидува отцепување на регионот.
„Целта на членот 155 е да се почитува законот. Тоа е закон кој им овозможува на луѓето да ги почитуваат регулативите. Се надеваме дека ситуацијата нема да трае предолго. Можам да ви кажам дека единствениот разговор што го имав со Пуџдемон беше за независноста, односно кои услови ние би ги поставиле. Јас не можев да разговарам со него на оваа тема но тој не сакаше да зборува за ништо друго. Не сакаше да дојде на претходната седница на долниот дом од Собранието, па да видиме дали ќе се појави во Сенатот“, изјави шпанскиот премиер, Маријано Рахој.
Инаку обидите за сепаратизам веќе сериозно влијаат на каталонската, но и на шпанската економија во целост. Над илјада фирми веќе најавија дислокација на своите филијали од регионот, поради што официјален Мадрид беше принуден да ја намали прогнозата за економски раст.
Шпанскиот Сенат во петок ќе одржи седница на која се очекува сенаторите да го потврдат активирањето на членот 155 за прв пат во историјата, со оглед на фактот дека партијата на Рахој има апсолутно мнозинство, како и поради најавената поддршка од опозицијата. Ден претходно, седница ќе одржи каталонскиот Парламент, каде се очекува да биде донесена одлука за игнорирање на мерките од Мадрид и унилатерално прогласување независност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.