| четврток, 6 декември 2018 |

Уште една европска метропола ги забранува старите автомобили

Главниот град на Шпанија, Мадрид ќе ги забрани старите автомобили за да се намали загадувањето на воздухот.

Мадрид го следеше примерот на Лондон, Париз, Берлин и Осло, па така во строгиот центар на градот ќе бидат забранети автомобили со бензински мотор произведени пред 2000 година и автомобили со дизелски мотор произведени пред 2006 година.

– Квалитетот на воздухот веќе десет години не е на прифатливото ниво и луѓето во градот се изложени на негативни ефекти по нивното здравје – изјави Ињес Сабањес, службеничка за околина во градската администрација.

Во денови кога загаденоста е на повисоко ниво во центарот на градот ќе може да циркулираат само возила од јавниот превоз. Овие одлуки се само дел од стратегијата усвоена во март лани, според која до 2025 година шпанската метропола ќе треба да го намали нивото на штетни емисиони гасови за 50%. И германските градови преземаа слични чекори за да го намалат загадувањето.

Судот во Берлин есенва донесе одлука со која главниот град во Германија ќе воведе забрана за возење на стари дизел возила на некои од патиштата.

Забраната се однесува за сите возила кои имаат Еуро 5 или постари норми. Најновиот најстрог стандард е Еуро 6.

Судската постапка ја покрена здружението за заштита на околината кое бара забрана за дизелаши со норма Еуро 4 до крајот на 2018 година, а на Еуро 5 до 2019 година.

Во Франкфурт истата забрана ќе стапи на сила во февруари 2019 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top