Најавата за повлекување на лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, е првиот нужен чекор за опозицијата да застане на здрави нозе. Но веднаш потоа потребно е да има освежување на целата кадровска структура на партијата и да се отворат можности за промени, кои подоцна ќе донесат нови гласачи, што и се очекува по јунскиот конгрес – сметаат политичките аналитичари. Тие сметаат дека повлекувањето на Бранко Црвенковски од лидерската позиција е оправдан чекор затоа што политичката етика по автоматизам треба да носи повлекување на дел од раководството по изборни резултати какви што имаше опозицијата на овие локални избори.
– Иако првиот услов за подобра опозиција е исполнет, не значи дека вистински ќе се случат позитивни промени во СДСМ. На партијата не ~ е потребна само промена на раководството, туку целосна социјалдемократизација на сопствената ориентација и дејствување според програмските определби. Тоа впрочем е и прагматично решение – вели Здравко Савески, професор на Факултетот за политички науки и дипломатија на ФОН за Дневник.
За Жидас Даскаловски од Центарот за истражување и креирање политики вели:
– Јасно беше дека партијата со лидер со огромен негативен рејтинг меѓу електоратот нема да може да постигне добар изборен резултат. СДСМ има потреба од суштински промени на ставовите за големите теми, како што се на пример името, Албанците, развојот на земјата и демократијата, на понудата на кадри и комуникацијата и прифаќањето на идеите на граѓанството.
И Ѓорги Тоновски, професор по политички науки, смета дека со повлекувањето на Црвенковски се отвора можност и за приближување до дел од гласачите што немаа симпатии кон Црвенковски.
Бидејќи Црвенковски неколку пати најави повлекување, а не го оствари, политиколозите и сега не му се веруваат во целост.
– Засега не може да се дефинира дали може да му се верува на Црвенковски за најавата дека си оди од лидерската позиција. Но, како и да е, добро е што партијата сфати дека ова раководство повеќе ~ штети отколку што ~ користи – истакнува Савески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.